Растат тензиите и во албанскиот парламент, денес инцидент меѓу пратениците
Во албанскиот Парламент денеска дојде до физички инцидент меѓу пратеникот од опозициската Демократска партија, Фламур Нока, и шефот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Таулант Бала. Нока му го грабна микрофонот на Бала и фрлаше хартии кон него, поради што претседателот на Парламентот, Нико Пелеши, ја прекина седницата на пет минути, пренесува „Коха“.
Инцидентот се случи на десеттиот ден од протестите во Албанија, за време на кои демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама. Денешната седница на албанскиот Парламент започна во тензична атмосфера, откако пратениците од Демократската партија ја блокираа говорницата со фотографии од демонстранти кои биле повредени за време на протестите.Кога шефот на пратеничката група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, излезе да зборува за да го изнесе ставот на владејачкото мнозинство, опозицискиот пратеник Фламур Нока му пријде, го откорна микрофонот од масата и почна да фрла хартии кон него.По инцидентот, претседателот на Парламентот, Нико Пелеши, одреди пауза од пет минути.
Пратениците од опозицијата претходно изјавија дека Парламентот не може да продолжи со редовната работа додека траат протестите – како и обвинувањата за полициско насилство.
„Денес на дневен ред има само една точка. Го осудуваме полициското насилство. Мораме да застанеме зад демонстрантите, да ги слушнеме нивните барања и да го послушаме гласот на генерацијата која не се плаши од власта. Не може да има парламентарна дебата среде општествена криза“, изјавија од пратеничката група на Демократската партија, преку Белинд Келичи. Од Демократската партија наведоа дека ги поддржуваат барањата на студентите кои протестираат на улиците.
На дневниот ред на седницата беше предвидена и итна интерпелација за министерот за внатрешни работи, Ервин Демо, побарана од опозицијата во врска со постапувањето на полицијата за време на протестите пред Парламентот.
Опозицијата претходно побара министерот да одговара пред пратениците, но интерпелацијата беше одложена со образложение дека Демо неодамна стапил на функцијата и му е потребно време за да се запознае со актуелните прашања. Десетти ден од протестите: Рама повторно повикува на дијалог
Денес се навршува десеттиот ден од протестите во Албанија против владата на Еди Рама.
Утринава, премиерот повторно ги повика демонстрантите на дијалог, но сепак, овој пат – наместо столиците што ги постави претходно – тој обезбеди бетонски клупи на кои беше испишан повик за разговор.
Во претходните денови, демонстрантите го одбија неговиот повик и ги искршија столиците што беа поставени за дијалогот.
Вчера, Рама предупреди на строги мерки против учесниците во насилните протести, вклучително и ускратување на одредени услуги, како и можност за забрана за влез во земјите од Европската унија.
Протестите во Албанија траат веќе десет дена и се одбележани со судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека опозицијата ги поддржува барањата за оставка на премиерот.