Никола Груевски пак снимен во елитен ресторан во Будимпешта

Фотографиите на Груевски ги објави поранешниот унгарски пратеник Акош Хадхази. Пет месеци се подготвува новото барање за екстрадиција


Никола Груевски Како на деловен состанок во ресторанот во Будимпешта

 

Елитните ресторани во Будимпешта како да се работни простории на избеганиот поранешен премиер Никола Груевски.

По подолго време пак се појави негова фотографија од самопрогонството во Будимпешта, овој пат објавена од донеодамнешниот унгарски пратеник Акош Хадхази на неговиот Фејсбук профил. Хадхази, кој беше независен пратеник во парламентот до изборите овој април, пишува дека Груевски бил фотографиран во елитниот ресторан во центарот на Будимпешта од унгарски граѓанин.

Хадхази (беше пратеник од 2016 до 2026) е познат по својата антикорупциска активност. Тој во објавата на Фејсбук заедно со фотографиите пишува дека Груевски е баран со меѓународна потерница, дека беше голем пријател на Виктор Орбан и Петер Сијарто и се надева дека владата на Петер Маѓар нема да заборави да го испорача, додавајќи дека Унгарија „може да направи многу за справување со корупцијата во Северна Македонија ако му го одземе политичкиот азил на Груевски“.

 

Во објавата, тој исто така наведува дека „луѓето на Груевски“ сѐ уште се на власт во Северна Македонија. Затоа ги повикува унгарските власти да го спречат бегството на луѓе блиски до режимот на Орбан од земјата.

Прашањето за статусот на Груевски беше повторно отворено во април, откако партијата Тиса на Петер Маѓар го победи Фидес на Орбан на изборите. По победата, Маѓар изјави дека Унгарија нема да стане засолниште за криминалци кои се бараат на меѓународно ниво. Тој рече дека ова важи и за Никола Никола, кого го нарече баран криминалец. Маѓар ја презеде функцијата премиер на 9 мај.

Премиерот Христијан Мицкоски потоа изјави дека доколку Груевски биде екстрадиран ќе оди во затвор. Македонското Министерството за правда кон крајот на мај објави дека постапката за екстрадиција продолжува, дека се собираат документи од судовите. Но поминаа пет месеци и од собирањето на документитет и новото барање за екстрадиција нема ништо. Владата на Мицкоски изгледа дека не е заинтересирана да ја обнови постапката од различни причини.

Неодамна средноевропскиот истражувачки портал VSquare, повикувајќи се на извори во унгарската влада, објави дека Никола Груевски има унгарско државјанство и така неговото испорачување во Македонија ќе биде речиси невозможно.

Груевски избега во ноември 2018 година. Претходно беше осуден на две години затвор за купување луксузен блиндиран „мерцедес“ и требаше да оди на издржување на затворската казна.

Унгарските власти набрзо му доделија политички азил, а во 2019 година унгарскиот суд го отфрли барањето за екстрадиција со образложение дека Груевски е барател на азил.