Ристовски: Членовите на Советот на јавни обвинители треба да си поднесат оставки
Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски денеска изјави дека е запознаен со случајот во Советот на јавни обвинители, каде што постојат сомневања за судир на интереси и непотизам, и оти лично поради морални причини очекува оставка од обвинителите кои не се иззеле кога требало да гласаат.
– Нема да се мешам во работата на Советот на обвинители, знам што се случи на таа седница, сега останува на нив. Тоа треба нив да ги прашате, дали ќе има некои промени лични. Од морален аспект јас сметам лично дека треба да си поднесат оставка. Ако мене ме прашувате, не, нема потреба од сите членови. Се знае за кого се однесуваше тоа, одговори Ристовски на новинарско прашање дали има непотизам и судир на интереси во Советот на јавни обвинители.
Претседателот на Советот на обвинители, Коле Штерјев, денеска не сакаше да одговори за спорниот избор на две обвинителки во Советот. Рече дека во текот на неделата ќе свика прес-конференција на која ќе објасни се, а денеска не даде изјава поради, како што кажа, не бил подготвен.
Во врска со реформите во правосудството, Ристовски рече дека се она што било испланирано со 3-6-9 планот досега е исполнето од Министерството за правда.
– Времето е кратко. Еве девет месеци сме како Влада. Дали сум задоволен јас лично ако мене ме прашате, да. Можеби перцепцијата е лоша или погрешна. Сето она што беше испланирано со 3-6-9 Планот и што е во Агендата од ЕУ ние сме исполниле како Министерство за правда досега. Сега останува уште само пред владина процедура да oдат со вториот пакет измени на Законот за Судски совет и со тоа и Законот за судови кој е двотретински закон, значи тука мораме да имаме соработка и со опозициската партија. Само тоа е останато, другото е се завршено, рече тој.
Посочи дека статусот на СЈО нема да се реши до јуни, како што очекува специјалната обвинителка Катица Јанева, туку во стратегијата за судски реформи, зацртано е тоа да се случи на крајот на оваа година.
Ристовски рече дека предвидено е СЈО да биде со статус под Јавниот обвинител на Македонија, но тоа да може самостојно да настапува пред трите судски инстанци, Основниот суд, Апелацискиот суд и Врховниот суд