Рикер: Тарифите кон Србија ги нарушија односите на САД со Приштина


Новоименуваниот помошник државен секретар на САД, Филип Рикер, ја повика Приштина да ги укине тарифите кон Србија, нагласувајќи дека ова прашање ги нарушило односите на САД со Косово.

-Двете земји ризикуваат да ја потрошат најдобрата шанса во една генерација за да го решат ова прашање, бидејќи нивните преговори ќе застанат. Ги повикуваме Белград и Приштина да ги отстранат бариерите на преговорите и да дозволат дијалогот да се придвижи напред. Дел од ова треба да биде одлуката Косово да ги укине тарифите за српската и босанската стока. До граѓаните на Косово: ние ја разбираме вашата фрустрација. Ја разбираме вашата желба да ја контролирате вашата судбина и да ја унапредите интеграцијата на Косово во меѓународниот систем. Нема дилема околу поддршката на САД за вашиот суверенитет и независност. САД вложија значителен капитал во успехот на Косово како независна, мултиетничка, суверена земја. Застанавме зад вас. Повеќепати. Но, овојпат дојдовме со барање до вас. Ова е едно од тие времиња. САД, можеби вашиот најблизок стратешки пријател и партнер, веруваат дека постигнувањето договор со Србија е единствениот пат за Косово. Тешкиот факт е дека Косово не може да се врати на преговорите со Србија ако не ги укине тарифите. Затоа, жално е и изненадувачки во исто време дека ние се уште имаме сериозно неразбирање со владата во Косово околу ова прашање. Се плашам дека позицијата на Косово направи штета на нашите билатерални односи, кои длабоко ги цениме“, рече Рикер , па додаде:
-Ние не ја бараме месечината, бараме само ограничено времено ограничување на тарифите. Потоа може да видиме што може да се постигне на преговарачката маса. Ниту еден договор не е потпишан сè додека не се постигне согласност за сите негови аспекти. Косово не губи ништо со преговорите, но ризикува се ако не преговара“, предупреди Рикер.
Тој потоа го повика Белград, да се фокусира на стратешкиот интерес место да биде „агресивен во отфрлањето на Косово“.
-Со својата кампања за поттикнување на земјите да го повлечат признавањето на Косово и да го блокираат неговото членство во меѓународни организации како што е ИНТЕРПОЛ, Белград ја наруши атмосферата за компромис и напредокот кон договорот што треба да му обезбеди европска иднина“, рече Рикер.Косово и Србија, додаде тој, мора да се запрашаат која е алтернативата за нормализирање на односите. Двете земји, според него, најмногу ќе изгубат од замрзнатиот конфликт бидејќи немањето договор значи намалена безбедност, забавен економски раст и замрзнување на аспирациите за пристапување во Европската унија. САД, рече тој, не се залагаат за некое конкретно решение, а меѓународната заедница не ги диктира условите, ниту пак нуди бланко чек, бидејќи решението треба да е спроведливо, трајно и да придонесе за регионална стабилност.
-Ние сериозно ќе го разгледаме договорот што двете страни веруваат дека ги исполнува овие услови, порача Рикер.