Решавањето на спорот со името во фокусот на средбата Ципрас – Меркел


За прашањето со името и заклучоците од посетата на Зоран Заев на Берлин, разговарале грчкиот премиер и германската канцеларка на нивната куса средба во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.

Според грчките медиуми, пораката од Меркел била дека ќе продолжи да ги охрабрува двете страни за да стигнат до решение, додека пак Алексис Ципрас, ја повторил одлучноста на грчката влада да се најде одржливо, стабилно и заемно прифатливо решение.

Како што објави грчката државна новинска агенција АНА-МПА, грчкиот премиер, на Меркел ѝ ја повторил и официјалната позиција на Атина, за ерга омнес име.

– Според владини извори, разговорите се фокусираа на заклучоците од посетата на премиерот на ПЈРМ Зоран Заев. Според информациите, Меркел продолжува да ја охрабрува власта во ПЈРМ во насока на изнаоѓање решение, пишува АНА-МПА.

По средбата, што според грчката телевизија Скај траела кусо, Ципрас и Меркел ќе имаат можност да ги продолжат разговорите на заедничкиот состанок со Жан Клод Јункер и Бојко Борисов.