Рецензија: „Ладна одмазда“


 

Мотивот на убиството на нечие дете и одмаздата на родителот врз злосторниците е еден од најстарите мотиви во историјата на литературата. Некаде десетина години наназад оваа тематика се врати на голема врата во меинстрим продукцијата (и во САД и во Европа), најмногу поради културното влијание на серијата „Игра на троновите“. Претходно таа беше застапена претежно во вестерните.

Најизразит пример од поновото време е „Повратникот“ со Леонардо ди Каприо. Во „Ладна одмазда“ во режија на Ханс Петер Моланд, со Лиам Несон и Лора Дерн, се обработува и еден друг мотив, а тоа се наместените докази. Тоа се оние со дрогата, кои се најлесни за местење, а најтешки за побивање. Убиството во овој случај е извршено така што да изгледа дека жртвата била долготраен консумент на дрогите. Родителите знаат дека детето не им било џанкер, но социјалниот сомнеж е толку голем што обајцата ризикуваат да почнат да се сомневаат во своите сопствени сетила. Како и во другите филмови од овој жанр, родителот се решува да ја земе правдата во свои раце. Новитетот, доколку така може да се каже, во овој случај се состои во тоа да не се знае дали протагонистот сака детективски да го реши случајот или жеднува за одмазда. Но ова е повеќе еден недоречен аспект на ова сценарио отколку нешто што би можело да ви го привлече вниманието. При ова се нижат многу убиства, кои се најчесто продукт на неспособноста да се контролира злосторството откако тоа еднаш ќе почне, а не како во непредвидлив трилер. Така на моменти, слободно може да се каже, филмов се претворува во невкусна персифлажа. Дејствието пак недогледно трае, при што при секое убиство се појавува некролошки натпис преку цел екран со името на убиениот. Замислата е интересна во смисла на тоа што локацијата е интересно одбрана. Станува збор за скиорски центар. Ова место си ги има своите локални обичаи. Искусниот полицаец се вози со младата колешка. Таа го сопира возилото и му вели на колегата дека треба да ги уапсат оние двајца кои на сред улица пушат џоинт. Но тој ѝ вели да ги пуштат бидејќи се наоѓаат во скиорски центар за кој оваа појава е нормална. Младата полицајка го послуша. Но видовме дека таа е едната од ретките во оваа професија која умее да размислува со своја глава. Така таа ќе му пријде на унесреќениот татко и ќе му каже- јас верувам дека син ти не е џанкер. Но дали е ова доволно за да може да се развие едно свежо сценарио, полно со непредвидливи мигови? По сè изгледа не. Чисто дидактички гледано сценариово е успешно, бидејќи авторите си поставиле цел да објаснат колку несогледливи зла можат да настанат од дрогата. Дека не е доволно само да се надеваме дека тоа зло ќе нè одбегне. Мора против него сите да се борат. При ова во филмов недоследноста на претходниот злостор ја оправдува истата на наредниот. Така еден платен убиец решува да биде „чесен“. Потропува на вратата на жртвата и ѝ вели- слушај тој и тој ми плати да те убијам. Жртвата која е исто така дел од организираниот криминал со дрога им наредува на своите телохранители да го убијат овој предавник. Оваа шема продолжува низ филмското дејство остварувајќи ефект на гротескност и блазираност кај гледачот, наместо иновативност.

Во потрага по интересни нови идеи за проекти е ангажиран норвешки режисер кој си направи римејк на својот филм, кој римејк освен снегот не носи ништо што би потсетувало на нордиската култура. Многу подобро се снајдоа актерите ветерани- Лора Дерн и Лиам Несон. Иако многу кратка, појавноста на Дерн беше впечатлива со својата желба да се истакне неповратноста на загубата. Во смисол дека дури и убиството на синот да се одмазди, тој никогаш нема да се врати. Несон пак со сигурни несигурности го долови ликот кој се стреми кон опасноста која е мелем за неговите најлути рани.

Игор Поп Трајков