Мултимедијална изложба „Ткаени приказни – трансценденција на времето“
Мултимедијалната изложба „Ткаени приказни – трансценденција на времето“, проект на ЈНУ Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, финансиран од страна на Министрството за култура и туризам ќе биде отворена денеска во изложбениот простор на „Младинскиот културен центар“ – Скопје во 20 часот.
Со посочениот проект, се наведува во соопштението на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, сакаме да ја запознаеме пошироката јавност со значењето, со улогата и со богатството на македонскиот фолклор, со фокус на: традиционалната текстилна орнаментика, со неговата естетска и обредна компонента, но и со обичаите и верувањата, како мошне значаен, интегрален дел на македонската традиционална култура.
=Секоја од презентираните: слики, склуптури и уметнички исталации е визуелен расказ – спој на минатото и сегашноста, каде што нишките на минатото се вткаени во нови форми на изразување, надвор од досегашните класични презентирања на ваквиот тип музејско-архивски, етнографски и фолклористички материјали. Посочената изложба истовремено ги нагласува: одржливоста, културниот континуитет и креативната трансформација и ги поканува гледачите да размислат за вредноста на традицијата не како статично наследство, туку како динамичен извор на инспирација – се додава во соопштението.
Во рамките на мултимедијлна изложба ќе биде промовирана и книгата на проф. д-р Јасминка Ристовска Пиличкова „Македонското традиционално килимарство и неговите особености“. Книгата ќе ја промовира директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, проф. д-р Зоранчо Малинов, воедно и рецензент на овој монографски труд.