Рецензија: „Вдовици“


Последново остварување „Вдовици“ на еден од најбараните режисери на денешницата Стив Меквин, со Виола Дејвис, Мишел Родригез и Елизабет Дебицки, е во многу нешта необично во споредба со неговите претходни остварувања. Тука го нема неговото карактеристично интензивирање на дејствието, туку инсистира на некоја нетипична и во многу нешто неадекватна опуштеност, која резултира и со нефокусираност, па дури и стилска неизедначеност. Исто така, во оваа негова продукција го нема она негово инсистирање на морализирањето на тема на несправедливоста во која западнале ликовите поради својата културна припадност. Оваа негова стилско-тематска определба на режисерот му донесе многу пофалби и награди во последнава деценија. Многу беше ценета неговата способност да ја пронајде несправедливоста во средините кои себеси се рангираат како составен дел од највисоката цивилизација. Тука особено доаѓаше до израз неговата раскошна способност камерните драми и интимните проблеми да ги издигне на ниво на епска масивност. Така што целите филмови му изгледаат како драматизации на некои ултрамодерни согледувања на оперските реализации; најмногу драматизации на нивниот романтичен замав кој барем во времетраењето на изведбата успева да ги издигне ликовите над длабокиот очај. Уште една тешкотија со која се соочил режисерот е што тука првпат реализира продукција во која носечките ликови се жени. Се чини не се снашол баш најдобро. Се чини и дека половичниот ефект во реализацијата би бил и повторен доколку повторно се нафати на женска продукција, бидејќи афинитетот му е очигледно сосема различен.

Тој во претходните филмови имаше совршено обликувани женски ликови, но тие не беа протагонисти. Не беа само декор, но не беа ни бескомпромисни ритери, какви што му беа машките ликови. Значи очигледно односно ова режисерот се нашол во нови води во кои не особено вешто плива. Многу е можно ова да била идеја наметната од студиото бидејќи е двојно зголемен интересот (на киноблагајните) за филмови со женски ликови. Самото сценарио, пак, не е особено автентично. Станува збор за група жени на гангстерите кои ќе загинат во криминален подвиг. Со таа разлика што, на пример во „Трафик“, беше една жена на која сопругот дилер ѝ заврши во затвор. Сопругите вдовици не сакаат да останат без од мажите им овозможениот комфор. Така тие се самоорганизираат во криминална банда, во која всушност многу добро се снаоѓаат. Со ова филмов повлекува дискурс односно класичниот феминизам, како што се гледа од постовите на интернет. Имено реакциите на гледачките сосема правилно одат во две насоки. Симон де Бовоар (родозачнувачката на феминизмот) вели дека жените треба да работат иста работа како и мажите, но никогаш не рече дека требаат исто и да заработуваат!? Симон вели и дека жената со цел да не стане зависна од мажот, или од што било, треба да биде подготвена „да јаде повраќаници“, зашто од тоа едноставно нема ништо лошо да ѝ се случи. Но жените правилно реагираат дека тие би станале рамноправни само кога ќе заработуваат исто како и мажите и кога нема да мораат да ги прават истите криминалии како нив. Сценариото оди во некоја тарантиновска насока да го покаже фраерлакот на еден криминал, но наместо тоа публиката гледа женчиња во маскирна одора, подготвени на сè со една и единствена цел – многу пари.

Почитувани читатели, знаеме дека на мажите парите им се афродизијак, но што ќе им се толку на жените? Просечните жени се најчесто задоволни со скромен, но солиден живот. Мајсторското кадрирање проследено со кобна музика, чиј иноватор беше токму овој режисер и тука го имресионира и просечниот гледач. Но дејствието е премногу предвидливо за да може да му се придодаде каква и да е напнатост. Друга карактеристика на овие негови кадри е што најчесто ги компонира фронтално, што во традиционалната филмска естетика се смета за погрешно. Ова се смета за изразност карактеристична за источниот театар. Но и во ова режисеров успева да го извлече она што во модернизмот се нарекува – ефекти од дефекти. Значи се гледа и од овој филм дека станува збор за многу талентиран режисер, но сценариото како да не му било одобрено од музата.

Игор Поп Трајков