Реформите чекаат да завршат празниците. Неделава нула активност во Собранието


Пратениците по се изгледа ќе ги спојат новогодишните со божикните празници, за од средината на следната недела да може да ѝ се вратат на редовната агенда и да се подготват за реформиските закони што ќе почнат да пристигнуваат од Владата, а за чие донесување се чека и опозицијата да се врати во институциите.
За оваа седмица не е најавена ниту една активност во законодавниот дом, по набиените случувања таму во очи на Нова година, кога се носеа закони и се избираа нови функционери во отсуство на ВМРО-ДПМНЕ, така што мошне тешко се обезбедуваше потребниот кворум за гласање.
Засега, првиот закажан настан е седницата на Комисијата за европски прашања, на 15 јануари, кога бугарскиот амбасадор во Скопје, Иван Великов Петков, треба да ги презентира програмата и приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ – до средината на 2018 година. Пред завршувањето на бугарското претседателство, Македонија треба да го добие редовниот извештај од ЕК за напредокот во остварувањето на критериумите, при што надежите се дека нашата земја конечно ќе добие виза за почеток на преговорите. Во таа насока, всушност, треба да се движат реформските процеси што политичкит врв треба да ги финишира во првите месеци од годинава, за подготвено да го дочека европскиот извештај во јуни, а следниот месец и самитот на НАТО во Брисел, каде што се очекува покана за Македонија за членство.
Со пролонгирањето на активностите во парламентот, се пролонгира и одлуката на ВМРО-ДПМНЕ околу очекуваниот прекин на бојкотот на парламентот. И покрај првичниот став на ВМРО-ДПМНЕ дека не се враќа во собраниските клупи, поради продолжувањето на притворите за настаните на 27 април, очекувањата на владејачкото мнозинство се дека новото опозициско раководство ќе го смени ставот по божикните празници. Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера се јавија со реакција за изречените притвори за настаните на 27 април, иако, по изборот на новиот лидер, опозициската партија не излегува веќе на протести и блокади.
„Десетици неосновано притворени граѓани, наместо со своите семејства, новата година ја поминаа во ладни ќелии. Тие се жртви на класичен политички прогон. Овие луѓе ја чувствуваат инквизицијата на 21. век на сопствена кожа. Притворените граѓани се лишени од загарантираните човекови права, а постапката против нив е противзаконска и неоснована уште од самиот почеток. Непочитувањето на законите при нивното притворање го потврди и Народниот правобранител, факт кој остана премолчен од ОЈО и судот“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија апелира до судот да се издигне над, како што е наведено, притисокот.
„Судот како гарант на законитоста во постапката е должен да се издигне над притисокот. Судот има шанса да му стави крај на политичкиот прогон и да ја одбрани демократијата. Судот мора да ги согледа правните аргументи и фактичката состојба, да се води од вистината и правичноста и согласно закон да ги укине притворите“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од минатата година, во парламентот останаа неизгласани неколлу закони од областа на судството, како тие за заштитени сведоци, за Судскиот совет и за укинување на Советот на факти… Во новата година се очекува парламентот да донесе уште дузина закони за промени во судството, администрацијата, разузнавачките служби, медиумите, повеќето од нив наметнати како обрврска од извештаите и забелешките на експертскиот тим на ЕК, предводен од Рајнхард Прибе. Со оглед на тоа што со планот 3-6-9 се предвидени и системски закони, за кои е потребно двотретинско мнозинство (минимум 80 гласа), станува неопходно учеството на опозицијата во реформскиот процес. (А.М.М.)