„Нема да кажувам Северна, ќе ги чекам последиците“: Силјановска во третата дебата со Пендаровски

Силјановска-Давкова побара да се распушти Судот за човекови права во Стразбур затоа што не се почитувале неговите одлуки за здруженијата на Македонците во Бугарија


Од дебатата на Стево пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова на Канал 5 (Фото: Канал 5)

 

Две пораки може да се претстават како најзагадочни од третата дебата на кандидатите за претседетел во вториот круг – Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

И двете се од Силјановска и на одреден начин ја покажуваат политичката мисла што ќе ја води доколку стане претседателка на изборите на 8 мај.

Објаснувајќи ја својата политичка филозофија на дебатата вна Канал 5 таа рече дека е либерал во поглед на слободите и правата, но „сум далеку од дарвинизмот, од неолиберализмот“.

Дали Силјановска не верува во дарвинизмот како општо прифатена теорија за биолошката еволуција од која настана и човекот, развиена од англискиот натуралист Чарлс Дарвин, таа не објасни дополнително.

Втората изјава беше поврзана со почитувањето на Преспанскиот договор и официјалното име на државата. Таа рече дека нема да ги симнува таблите на институциите, „но нема да го употребувам зборот Северна и да ги видиме последниците“. Директно кажано, таа ќе зборува за почитување на Копенхашките критериуми со европските партнери, нема да ги почитува одредбите од Преспанскиот договор и ќе види какви ќе бидат последиците за македонската држава, затоа што не може однапред да се каже.

Имаше уште еден бисер во на моменти жешката дебата околу барањето од преговарачката рамка за внесување на Бугарите во уставот. Како и многу други и таа се осврна на непочитување на пресудите на Судот за човекови права за регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија и притоа побара да се распушти судот во Стразбур.

„Судот треба да се распушти ако не се почитува негова пресуда“, рече на малку повисок глас Силјановска-Давкова.

Во другиот дел од дебатата Пендаровски зборуваше разложно за својата политичка платформа, тврдејќи дека ВМРО-ДПМНЕ настапува со силна националистичка реторика, по што дошло и до националистички провокации од другата страна.

„Не очекувам меѓуетничка криза без разлика кој ќе биде на власт, меѓутоа неспорно е дека главниот опозиционен политички субјект, ВМРО-ДПМНЕ, кој ја поддржува госпоѓата настапува со силна националистичка реторика и точно е дека од другата страна има националистички провокации кои не би сакале да ги гледаме по триесет години независна држава“, рече Пендаровски.

Според него, непринципиелно е да се издвојува една општина во Скопје (Силјановска го посочи Чаир) и да се кажува дека за таму има вакви и вакви сознанија, во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ е дел од техничката влада и го има министерот за внатрешни работи.

„Зашто Тошковски не ги уапси луѓето за да не прават проблем во изборниот процес. Да реагира МВР промптно и да ги казни тие кои наводно уште сега се закануваат дека ќе биде не знам што на изборниот ден“, нагласи Пендаровски.

Силјановска на ова реагираше тврдејќи дека ниту таа ниту лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се националисти, ниту пак кажувале националистички изјави. Иако во сите светски медиуми кои ја следат македонската политика во извештаите за првиот круг пишуваа дека Силјановска е националистка, како и партијата што ја поддржува.

Силјановска-Давкова рече дека е многу задоволна што Максим Димитриевски јавно изјавил оти ќе гласа за неа, но и дека тоа не може да се транспонира на сите луѓе кои се негови поддржувачи и на ЗНАМ.

Пендаровски на ова рече дека е крајно недемократски  Димитриевски да очекува дека може да влијае врз неговите гласачи поради негов личен став.

„Изјавата на Максим беше јасна. Вели дека поради некој јавен спор што го имавме пред две години јас ќе имам ваков став кон едниот од кандидатите и ако некој навистина очекува дека тој ќе влијае на своите членови и гласачи, мислам дека тоа е крајно недемократски, бидејќи такви работи не се случуваат“, рече Пендаровски.

Тој нема намера да преговара со никого за префрлање на гласовите ниту некого да моли да гласаат за него, а и понатаму верува оти може да победи. Силјановска, пак, ја повтори тезата од пред неколку дена дека очекува нејзината победа во вториот круг ќе биде три спрема еден.

Околу една од темите што е присутна во јавноста последниве месеци – употребата на балансерот, Силјановска-Давкова рече дека веќе нема потреба од него и дека треба да се употребува системот на позитивна дискриминација како во западните демократии, каде малцинствата или маргинилизираните групи имаат предност при слични квалификации.

За Пендаровски не е добро што балансерот се злоупотребува со користење на податоците од пописот од 29 отсто за Албанците кои се попишале и во дијаспората, бидејќи процентот на резидентното население Албанци во државата е 24 отсто.

Силјановска наведе еден текст од бугарскиот медиум БГНЕС за да докаже дека во Софија и натаму се тврди оти Гоце Делчев се борел за „слободата на македонските Бугари“ и дека таму ништо не се променило (иако во кампањата неколку пати изјавуваше дека ќе оди во Бугарија да им укаже дека грешат). Во репликата Пендаровски рече дека е чудно што  редовно го цитира БГНЕС.

„БГНЕС е новинска агенција формирана и контролирана од бугарската тајна полиција. Морате ли нив да ги цитирате? Нема ли бугарски медиуми кои се далеку порелевантни? Зошто ја цитирате бугарската УДБА? Тоа е исто како да ми кажете што рекол Џамбаски“, реагираше Пендаровски.

Во расправата за Преспанскиот договор и членството во НАТО, за кое сега сите во Македонија се согласни дека ѝ донесе сигурност на државата, Пендаровски рече оти последниот услов за влез во алијансата – договор за името со Грција бил неопходен. Бидејќи без него немаше да влеземе во НАТО, како што гласеше заклучокот од самитот во Букурешт.

На ова Силјановска одговори:

„Цената за НАТО беше преголема за Македонија“. (Н.В.)