Реформите во судството и обвинителството го поминаа првиот филтер


Пет предлог-закони од областа на правосудството го поминаа денеска првиот филтер од собраниската процедура, така што е утврдена потребата за нивно донесување. Станува збор за законите кои се дел од реформскиот пакет, а кои се подготвуваа во Министерството за правда.

Пратениците ги усвоија измените на Законот за јавното обвинителство во прво читање. Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски образложи дека се предлага формирање ново специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција со посебна стручна служба и јавнообвинителски истражители во истражниот центар. Рокот за формирање е 60 дена од влегување во сила на законот.

Според пратеничката на НСДП Соња Мираковска, ваков механизам ќе застане на патот на бруталноста.

Пратениците изгласаа и заклучоци за проследување во второ читање на измените во законите за извршување на санкции, за јавнообвинителска служба, за судови и за кривична постапка.

Од пакетот закони за реформи во полицијата и безбедносно-разузнавачките служби поминаа во прво читање измените на Законот за класифицирани информации.Измените и дополнувањата во оваа регулатива ги образложи министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа посочи дека со дополнувањата се овозможува безбедносната проверка од трет степен за лицата назначени во надзорните тела кои вршат надзор врз спроведувањете на мерките за следење на комуникациите, како и за ангажираните акредитирани национални и меѓународни технички експерти од тие тела да трае еден месец од денот на поднесувањето на барањето. Со дополнувањето, истакна Шекеринска, се предвидува и безбедносната проверка од втор степен за лицата пред засновање работен однос во новата ОТА (оперативно-техничка агенција) да трае еден месец од денот на поднесувањето на барањето.

Оваа седница продолжува во четврток, кога пратениците треба да расправаат за новите законски регулативи за полиција, внатрешни работи и за ОТА.