Референдумското прашање стана точка на поделба


Иако постои согласност меѓу политичките чинители дека клучната одлука за прифаќање или за отфрлање на преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција треба да го имаат граѓаните, политичките чинители не можат да се договорат околу формулацијата на референдумското прашање, кое треба да ги (де)мотивира граѓаните да излезат и активно да учествуваат во носењето на исклучително важната политички одлука. Тоа може, но и не мора да ја сопре динамиката на активностите во однос на подготовката на референдумот, ако се имаат предвид информациите што пристигнуваат од владејачката структура дека трпението е при крај и дека и покрај напорите за обезбедување консензуална поддршка за одржување на плебисцитарното изјаснување, постои подготвеност да се истурка целиот процес и без посакуваната финализација на внатрешниот дијалог, односно непосредна политичка партиципација на најголемата опозициска партија.
Референдумот треба да обедини, односно да биде точка на компромис во која сите би се обврзале да ги прифатат резултатите. Додека власта смета дека референдумското прашање треба да го содржи договорот со Грција, но и интеграцијата во ЕУ и НАТО, бидејќи договорот беше склучен со таа цел, опозицијата, во таквата формулација гледа можност за манипулација и бара тоа да биде еднозначно и да се однесува само на промената на името. Малку е чуден тој страв, со оглед на тоа што политичките првенци на опозицијата постојано повторуваат дека граѓаните не може да бидат изманипулирани, дека сигурно ќе го препознаат моментот и ќе ја донесат вистинската одлука.
„Нашата позиција е јасна и таа е партиски став, референдумското прашање мора да биде еднозначно, што впрочем го дефинира самиот Закон за референдум, но и самиот Устав. Тука имаме генерално разлики со парламентарното мнозинство“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по завчерашната лидерска средба.
На прашањето за референдумот, кој претставува основа за натамошниот развој на настаните, се кршат партиските, но и копјата на експертската јавност. Едни сметаат дека прашањето не треба да содржи две компоненти, како на референдумот во 1991 година, туку треба да го состои називот на договорот со Грција, други дека мора да бидат вклучени ЕУ и НАТО, за трети е битен редоследот – најпрвин да биде посочен договорот за името, а потоа да следува додавање на интеграциите во ЕУ и во НАТО, како услов дека тоа се прави со таа цел.
Професорот по уставно право Темелко Ристески смета дека прашањето, кое неодамна како евентуално можно решение го пласираше премиерот Зоран Заев, „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за името?“ не е збунувачко за граѓаните. Во изјава за медиумите рече дека евентуалното прашање дали сте за членство во ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција е многу јасно поставено бидејќи целта на мнозинството граѓани на Македонија е да влеземе во ЕУ и НАТО и тука, како што нагласува, нема никаков трик, туку напротив сите фактори се предочени пред граѓаните.
На референдумското изјаснување за независност на Македонија 1991 година по низа консултации во државниот врв на граѓаните им беше понудено прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Дел од тимот што го креираше прашањето беше и ексминистерот за финансии и претседател на македонското собрание Никола Поповски. Врз основа на неговото искуство го прашавме дали референдумското прашање во случајов треба да биде симплифицирано или, пак, треба да содржи повеќе објекти како дообјаснување за граѓаните и таргетирање на суштината.
„Сметам дека прашањето треба да биде кратко, едноставно, неконфузно. Не сум за пресложени прашања. Колку поразбирливо, толку подобро. Граѓаните треба да знаат за што точно гласаат“, вели Поповски.
На прашањето, пак, дали евентуалното вклучување на НАТО и ЕУ го прави прашањето сложено, тој додава дека сите аспекти содржани во договорот ќе бидат објаснети во кампањата за референдумот.
Проблемите околу составувањето на референдумските прашања не се само проблем на Македонија, туку и на земји со далеку поголемо демократско педигре. Таков беше, да речеме, случајот со Брегзит. Британската влада во предлог-законот за референдум првично го предвиде прашањето: „Дали Обединетото Кралство треба да остане член на Европската Унија?“, а одговорот може да биде „да“ или „не“. Новата предложена формулација (откако беше констатирано дека претходната одела во прилог на останување во Унијата) беше „Дали Обединетото Кралство треба да остане член на ЕУ или да ја напушти ЕУ“, а гласачите потоа можат да избираат меѓу одговорите: „Да се остане член на ЕУ“, или „Да се напушти ЕУ“.
Формулацијата на референдумското прашање не е безначајно прашање. Дека на резултатот на изјаснувањето на граѓаните влијае и тоа како точно ќе гласи прашањето, зборуваат и истражувањата. Така, да речеме, резултатите од истражувањето на „Евробарометар“, објавени на почетокот на годината, а во контекст на проблемот меѓу Косово и Србија, која го условува евроинтегративниот процес на северниот сосед, покажуваат дека доколку во тој момент бил одржан референдум со прашање „Дали поддржувате зачленување на Србија во ЕУ“, повеќе од половина граѓани (52 отсто) би одговориле потврдно. Меѓутоа, во истражувањето на белградскиот центар за безбедносна политика „Дали се за влез во ЕУ ако условот би бил признавање на Косово“, 69 отсто од граѓаните одговориле негативно. Кога тие исти граѓани биле прашани дали се подготвени да војуваат со цел Косово да остане во составот на Србија, 73 отсто одговориле со „не“.

Наум Котевски