Референдумот ќе успее само ако гласа и ВМРО-ДПМНЕ


Изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека на референдумот за договорот со Грција ќе гласа против, отвори дилема дали опозицијата со своето активно учество ќе помогне да се обезбеди цензус, иако тешко ќе успее да ја добие битката со здружените гласови на СДСМ и албанските партии. Десничарите и граѓаните што се против промена на уставното име бараат опозицијата да го бојкотира референдумот, со што не би имало доволна излезеност и договорот би бил поништен. Од друга страна, нејасно е дали референдумот ќе биде советодавен или обврзувачки, односно дали до есен ќе се донесе (законско) решение со кое излезеноста од 50 отсто, плус еден граѓанин од вкупниот број запишани гласачи, нема да биде задолжителна.

Бројките од последните парламентарни избори одржани во декември 2016 година покажуваат дека за гласање биле запишани 1.784.416 граѓани, а на минатогодишните локални избори уште повеќе: 1.814.644 избирачи. Тоа значи дека за да успее референдумот, со сегашните прописи, мора да излезат околу 900.000 граѓани. Преклани гласале речиси 1,2 милион лица, а лани помалку од 1,1 милион. Но, во овие бројки е вкалкулирана и огромната поддршка што ја добива ВМРО-ДПМНЕ: 454.577 во 2016 година и 335.054 лани. Тоа значи дека во една замислена ситуација во која социјалдемократите и сите албански политички партии би го подржале договорот, притоа обезбедувајќи 100-процентна излезеност на своите гласачи, не можат да соберат повеќе од 700-800 илјади гласачи.

Од тие причини, треба да се биде особено внимателен, затоа што ВМРО-ДПМНЕ добива голема моќ, а сѐ уште не знаеме дали Мицкоски е автохтон или е под притисок на Груевски и на Мијалков. Самиот список со 1,8 милион гласачи е вештачки, не знаеме колку луѓе се иселиле, а на изборите вообичаено гласаат 1,1 милион лица. Затоа, најдобро е партиите од власта и од опозицијата да се договорат, да се излезе со некаква изјава, решение со кое референдумот би бил консултативен, но со обврзувачки карактер. Значи, да не се брка цензус, туку резултатите од референдумот да се прифатат какви и да бидат, без оглед колку луѓе излегле да гласаат“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

На предвремените парламентарни избори во 2016 година биле впишани 1.531.368 лица со постојана адреса на живеење во Македонија, 230.122 лица евидентирани дека се на привремена работа или престој во странство, а не поднеле пријава за гласање во амбасадите, како и дваесетина илјади иселеници што пријавиле гласање во дипломатско-конзуларните претставништва. Со постојните законски прописи, иселениците смеат да гласаат единствено на парламентарни и на претседателски избори, но не и на референдум. Сепак, проблем и натаму остануваат околу 250.000 граѓани што се привремено во странство, а за кои не се знае дали и каде ќе гласаат.

ВМРО-ДПМНЕ е партија што го промовираше референдумот како финална етапа при евентуално решавање на спорот за името. Следејќи ја таа логика, би требало да излезат и да се изјаснат. Тоа е оставштина на партијата. Најлошо можно сценарио за ВМРО-ДПМНЕ ќе биде неизјаснување, односно застанување на половина пат. Тие мораат да го кристализираат својот став и да им го соопштат на граѓаните. Јас самиот бев жесток критичар на СДСМ кога на референдумот за територијалната поделба во 2004 година излегоа со кампања: ‘Некои прашања не заслужуваат одговор’ и го бојкотираа изјаснувањето. Напротив, сметам дека сите прашања заслужуваат одговор и граѓаните треба да излезат и да се изјаснат дали договорот со Грција им е прифатлив или не“, ни изјави аналитичарот Сашо Клековски.

Соопштувајќи го постигнатото решение со грчкиот колега, премиерот Заев истакна дека референдум со сигурност ќе има кон крајот на септември или почетокот на октомври, не прецизирајќи дали ќе биде консултативен или обврзувачки, но напомена оти во двата случаи институциите ќе мораат да го почитуваат гласот на народот бидејќи нивната ќе биде последна и конечна.

Ако Зоран Заев се обиде шверцерски да го протне овој таканаречен договор или капитулација во Собранието, мора да знае и да биде свесен дека конечно мора да има задолжителен референдум, а не консултативен. Јас како Христијан Мицкоски на тој референдум ќе гласам против овој таканаречен договор“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во партијата, пак, се бара начин како да се ублажат реакциите на дел од тврдокорното крило, кое „бара бојкот на референдумот, диригиран од надвор и со однапред познат епилог“, поднесување илјадници амандмани доколку договорот стигне во Собранието и организирање протести против каква било промена на името Република Македонија. Од белиот дворец велат дека следните чекори внимателно се планираат.

Дел од аналитичарите блиски до власта размислуваат заедно со референдумот за името да бидат организирани и предвремени парламентарни избори со цел да се активира вмровското ткиво во општеството и да се обезбеди цензус. Заев рече дека би сакал владата да го истера целиот мандат, но доколку дојде до предвремени избори, тие да бидат заедно со референдумот или претседателските избори в година, оти анкетите покажуваат дека се во сигурно водство.

Јас го кажав својот став, дури и не сум ги консултирал коалициските партнери, дека треба да го истераме целиот мандат од четири години. Тоа е добро за економијата и за граѓаните. Но, ако зависат работите и од други фактори, секако дека сме подготвени за избори. Анкетите нѐ примамуваат да одиме на избори. Не го кажувам тоа за да испратам закани, туку кажувам дека чесно гледаме на периодот кој е исправен пред граѓаните и нашата земја“, потенцира Заев.

Според договорот на претседателите на владите на Македонија и на Грција, новото име на нашата земја ќе биде „Република Северна Македонија“, а регулирани се уште еден куп работи, меѓу кои јазикот, идентитетот, регистарските таблички на возилата, интернет-доменот, спомениците од проектот „Скопје 2014“…

Горан Адамовски