Проширени истрагите за „Тарифа“ и „Транспортер“


Специјалното јавно обвинителство ја проширува истрагата за два случаи кои се веќе во судска постапка – „Тарифа“ и „Транспортер“

За случајот „Тарифа“, за кој почна денеска судењето за злоупотреби при набавка на софтвер за ЕЛЕМ, СЈО објави дека ја проширува истрагата во рамки на нов случај „Тарифа 2“. Осомничено е едно лице кое веќе е обвинето во првичниот случај .

Според СЈО, осомничениот одобрил несовесна исплата на 146.400 евра на фирма од Чешка за наводна миграција на податоци од еден во друг систем чие преместување и не е завршено досега. Осомничениот, според СЈО, исплатил и 72.000 евра за поддршка при пуштање на новиот систем.

Од СЈО соопштија дека е проширена истрагата и за случајот „Транспортер“ кој се однесува на скапиот превоз на ученици во Битола.

Во „Транспортер 2“ осомничени се десет лица меѓу кои повторно се и екс градоначалникот на Битола (Владимир Талески) и поранешниот секретар на Општината. Тројца од осомничените се директори на училишта и не се опфатени во „Транспортер“.