Програмскиот совет на МРТ да функционира одвоено од власта


Иако има широки надлежности и може да придонесе за програмската независност, квалитет и одговорност на јавниот сервис пред јавноста, Програмскиот совет на МРТ функционира како продолжена рака на државниот апарат. Главната причина за ваквата состојба е несоодветниот состав на телото во кое доминира членство блиско до владејачката структура од периодот на неговото формирање. Тоа е резултат на несоодветното законско решение во однос на сегашниот модел со конкретни овластени предлагачи, кои во најголем дел се државни органи или институции под нивна контрола.

Ова е еден од заклучоците во компаративната анализа на програмските совети на јавните радиодифузни сервиси на Македонија, Хрватска и Словенија, што денеска се промовира и во чии рамки ќе биде отворена јавна дебата на тема „Деполитизација на Програмскиот совет на МРТ – предуслов за независност на јавниот сервис“.

Според анализата, јавниот радиодифузен сервис може да биде вистински независен само ако функционира одвоено од власта и центрите на моќ, додека истовремено е предмет на ефективен надзор од внатрешните управни тела заштитени од политичко влијание.

– Не е едноставно да се дизајнираат ефикасни заштитни мерки за оневозможување на притисоците врз јавниот сервис и спречување поголемиот дел од позициите во Програмскиот совет да бидат пополнети со кадри подобни за власта или за доминантните политички партии. Сепак, постојат правни процедурални заштитни мерки кои може да придонесат за избалансиран и плуралистички состав на Советот, стои во анализата.

Се препорачува Министерството за информатичко општество и администрација да отвори јавна расправа за темелно реформирање на МРТ, што, меѓудругото, би подразбирало и напуштање на постојниот концепт на овластени предлагачи на кандидати за членови на Програмскиот совет, односно нивниот избор да се врши преку јавен конкурс.

– Сите засегнати страни, надлежното министерство, медиумскиот регулатор, граѓанскиот сектор, медиумските експерти, претставниците на академските кругови и медиумската индустрија, вклучително и МРТ да отворат дебата околу можноста Собранието на Република Македонија да не ги именува сите, туку дел од членовите на Програмскиот совет на јавниот сервис и тоа со две третини мнозинство, како и да се разгледа можноста за директен влез на претставници во Програмскиот совет, е исто така една од препораките.

На дебатата присуствуваат министерот без ресор Роберт Поповски, претседателката на Програмскиот совет на МРТ, Снежана Клинчаровa, Бранкица Петковиќ, претставник од Програмскиот совет на РТВ Словенија, и поранешната претседателка на регулаторното тело на Хрватска и поранешна директорка и уредничка на ХРТ Мирјана Ракиќ.