Препораки од АХВ за заштита од заразни болести при поплави


По најавата на УХМР за можни излевања на реките поради топењето на снегот, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира да се преземат навремени, превентивни мерки за намалување на ризиците од појава на заразни болести, но и за заштита на животните при поплави.

Се препорачува за време на поплавите постојано да се следат информациите за водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење преку локалните и националните телевизии, радиjа и преку интернет порталите.

Особено да се внимава на храната за малите деца. Добро е, подвлекува Агенцијата, тие да се хранат со индустриски подготвена храна.

– За пиење, за подготовка на храна и за одржување лична хигиена, да се користи само пакувана вода или вода за пиење од цистерни која ја доставуваат јавните водоснабдителни претпријатија, доколку постојат резерви вода, да не се употребуваат додека не се хлорираат соодветно или превријат најмалку 15 минути, ако водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти каде е видливо заматување, водата да не се користи за пиење и за готвење се до санирање на состојбата и до добивање лабораториска потврда дека е безбедна, нагласува Агенцијата.

Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти каде нема видливи промени на водата, се препорачува да се изврши нејзина превентивна дезинфекција.

– Редовно да се одржува хигиената на рацете со сапун или средство за дезинфекција, особено по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, особено по чистењето и пред подготовка на храна, да се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води, целата храна која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, да се фрли, да се дезинфицираат сите работни површини, како и приборот за готвење и јадење, а храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени целзиусови, стои во соопштението од АХВ.

Од Агенцијата потенцираат и подготвената храна да не се чува подолго од два часа на собна температура. Храната треба да се чува на температура пониска од 10 степени целзиусови, а неопходно е и да се избегнува контакт на сировата со термички обработената храна.

– Како дополнителни мерки препорачуваме храната темелно термички да се обработи, особено храната од животинско потекло, додека овошјето и зеленчукот кое обично се користат сирови, дополнително да се измијат во млака вода, да се исчистат, повторно да се измијат и термички да се обработат, наведува АХВ.

За заштита на животните, АХВ вели дека сопствениците, без разлика дали се работи за домашен миленик или домашни животни, треба постојано да ја следат метеоролошката состојба, особено предупредувањата од надлежните органи за опасност од појава на поплави, за да можат навремено да ги извршат неопходните подготовки за заштита на животните.

– Основна работа е на животните да им се обезбеди соодветна храна, вода и засолниште. Доколку постои предупредување за поплава, ако има можност, животните пред надоаѓање на водата да се префрлат на безбедна локација. Ако, пак, во краток рок е потребно да се напушти местото на живеење, а не е можно да се понесат животните со себе, ако е можно, животните треба да се префрлат на безбедно место. Ако се во штала и се држат врзани, животните треба да се одврзат и доколку постои можност, да се дислоцираат на повисоко место каде ризикот од поплавување е помал. Исто така, треба и да се отворат вратите од боксовите и шталите со што животните би имале шанса да побегнат, препорачува АХВ.

Животните кои се држат на отворено исто така треба да се префрлат на повисоко место каде ризикот од поплавување е помал.

– Доколку е можно, храната треба да се складира и префрли на безбедно и суво место, по можност да се складира и свежа вода (во херметички затворени резервоари, цистерни, буриња,…). Животните треба да бидат обележани согласно Законот за идентификација и регистрација, со ушни маркички, а доколку се работи за животни кои немаат идентификација, сопственикот може привремено да ги обележи за да можат да се идентификуваат во случај да се изгубат, сугерира Агенцијата.

Доколку се најдат животни во поплавени подрачја, со нив треба да се постапува внимателно, имајќи предвид дека се вознемирени и исплашени.

– Прво треба да се згрижат помладите животни, што побрзо да им се обезбеди свежа и безбедна вода (ако нема друга опција за безбедна вода, на животните може да им се даде да пијат дождовница). Храната може да се даде во помала количина од вообичаената. Одгледувачите треба да се обратат до екипите на терен кои ќе им дадат соодветни информации каде и како може да обезбедат свежа вода и соодветна храна. На животните не треба да им се дава да пијат од поплавената вода, нагласува АХВ.

Доколку има ограничен извор на вода, на животните дневно треба да им се обезбедат различни видови вода, зависно од возраста, големината и продукцијата: говедо 30-50 литри, коњ 20-45 литри, свињи 4-12 литри, овци и кози шест литри, а живина 0,5 литри.

– За да се намали жедта, доколку има потреба, на животните треба да им се дава помала количина на храна, пресушување на млечните крави кои се во подоцнежна фаза на лактација,… Одгледувачите треба да бидат во контакт со надлежниот ветеринар за давање совети, инструкции, а по потреба и за давање на ветеринарно медицинска грижа. Доколку животните не може да се сместат во шталите, треба да им се обезбеди соодветно засолниште со суви и безбедни лежишта. Животните таму треба да имаат пристап до свежа вода и храна, потенцираат од Агенцијата за храна.