Пратениците слободни во петоците


Пратениците од гостиварскиот регион од денеска ќе остваруваат директни контакти со граѓаните во петте канцеларии. Четири од овие канцеларии за комуникација ќе функционираат во зградата во која се сместени локалната самоуправа и подрачни едници на министерствата, а една во зградата на ЈП „Водовод“.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Весељ Мемемди на отварањето ја нагласи потребата од директна комуникација на пратениците и граѓаните во решавањето на нивните проблеми и потреби.

– Обебзбедувањето на простор е проблем во некои општини, но во соработка со ЗЕЛС ќе најдеме заеднички јазик и ќе ги отвориме преостанатите 28 за кои немаме одговор. За сите канцеларии имаме обезбедено и асистенти. Пратениците ќе бидат осолободени од обврските во петоците и тие денови ќе се користат за директен контакт и да им се излезе во пресрет на граѓаните, рече Мемеди.

Тој нагласи дека собранието има буџет за отварање на 75 вакви канцеларии. Досега за 40 има позитивни одговори од локалните самоуправи и отворени се 22. Од Собранието очекуваат одговори од 28 градоначалници на барањето за простории.

Задоволство од отварањето искажа и пратеникот од редовите на СДСМ, Благојче Трпески, нагласувајќи ја соработката како модел за успешна работа.

– Канцелариите ќе бидат отворени секој работен ден и заеднички ќе работиме за остварување на обврските кои како избраници од народот ги имаме. Ние од Гостивар сме седум пратеници и се надевам дека и понатаму ќе ја имаме соработката која досега ја имавме меѓусебе, рече Трпески

Канцеларии со асистенити во Гостивар од денеска ќе користат пратениците од ДУИ, Таљат Џафери и Мирсада Емини Асани, од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска, од СДСМ Благојче Трпески, од крилото на Касами БЕСА, Фадиљ Зендели и од НДП, Весел Мемеди.