Пратениците, конечно, ќе си ги скратат трошоците


За 33 отсто се намалува надоместокот за патни трошоци за пратениците од внатрешноста по бурата реакции во јавноста на секое објавување информации за високите суми што се исплаќаат од државниот буџет за оваа намена.

На пример, пратеникот Алија Камберовски од ПЕИ, кој лани беше прогласен за рекордер со наплатени над 12,8 илјади евра за патувањата од Лабуништа, Струшко, до Скопје, со ова намалување би земал „само“ 8,6 илјади евра надомест. Или пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ, наместо околу 11,7 илјади евра, колку што инкасирала во 2017 година,  сега би земала нешто повеќе од 7,8 илјади евра за патувањата на релација Битола – Скопје и обратно, како што и Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, наместо 11,4 илјади евра би земала 7,6 илјади евра за патувањата од Струга. Сепак, што се однесува до актуелниот пратенички состав, ова се паушални пресметки, затоа што треба да се имаат предвид разликите во цените на горивата и фактот дека минатата 2017 година парламентот не заседаваше до 27 април, така што и пратениците од внатрешноста, во првите четири месеци од минатата година, немале потреба речиси секојдневно да доаѓаат во Скопје.

Измените на законот за пратеници, по неколкумесечен статус кво, се ставени конечно на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем, како предлог на пратеничката група на СДСМ. Со овие измени надоместокот за патни трошоци се намалува за десет процентни поени. Така, наместо надоместок од 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар, пратениците сега ќе добиваат надомест во висина до 20 проценти.

Александар Кирацовски, кој е претседател на Комисијата за политички систем, најавува дека денеска ќе се предложи и амандман со кој ќе се остави можност пратениците од градовите што се пооддалечени од Скопје да изберат дали ќе патуваат постојано или ќе земат стан под закуп во главниот град. Тоа, според Кирацовски, најверојатно ќе важи за пратениците што доаѓаат од општини кои се оддалечени повеќе од сто километри од Скопје. Доколку тие изберат да закупат стан, тогаш ќе имаат право на надоместок за само четири патувања месечно од и до нивното место на живеење, за да може да контактираат со гласачите.

Првичната намера беше надоместокот за патни трошоци да се преполови, односно да се сведе на 15 проценти од продажната цена за литар гориво според изминат километар. Тоа требаше да се изведе така што во законот ќе се внесе сума од максимум 20 проценти, а намалувањето на точно 15 проценти ќе се предвиди со одлука на Комисијата за избори и именувања. Сепак, последните информации се дека кратењето на трошоците за патувањата на пратениците ќе биде за 33 отсто, односно  дека и во одлуката на Комисијата за избори и именувања ќе остане намалувањето на 20 отсто – веројатно како компромисно решение на СДСМ со другите пратенички групи.

Проценките во парламентот се дека на овој начин значително ќе се намали одливот на средства од буџетот за намирување на патните трошоци на народните избраници. Така, на пример, пратеник од Струмица, кој дневно ќе помине 320 километри до Скопје и назад, сега, наместо околу 7.200 денари, ќе добие надоместок од околу 4.800 денари. Или пратеник кој живее на 100 километри оддалеченост од главниот град, сега ќе добие надоместок од 300 илјади денари за патувањето до парламентот и во обратен правец, што е за околу 1.500 денари помалку од сумата што сега ја добива.

Според Законот за пратеници, односно членот 31 што сега се менува, пратеникот, покрај редовните месечни примања кои изнесуваат не помалку од 80 илјади денари (во зависност од тоа дали раководи со комисија или е координатор на пратеничка група), има право на други лични примања и на надоместоци на трошоци. Пратеникот има право на надомест за: селење од местото на постојано живеалиште во местото каде што ја врши функцијата пратеник; стручно усовршување и образование; погребни трошоци во висина на просекот на двете последни плати на починатиот пратеник; дневница за службено патување во земјата без трошоци за ноќевање до 4 отсто од просечната плата по работник исплатена во стопанството на Македонија во претходните три месеци; трошоци за ноќевање кои се признаваат според приложената сметка, освен во хотели од делукс-категорија; дневница за службено патување во странство; надоместок за одвоен живот од семејството, кој изнесува 30 отсто од просечната плата во земјата; отпремнина при заминување во пензија во износ од две просечни месечни плати остварени во претходните три месеца. Овој пат, единствено, се интервенира во ставот кој го регулира надоместокот за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели.

Александра М. Митевска