По бунтот, марш на љубовта во Неготино


Не е толку важно дали домот за деца со попреченост ќе се отвори во Тимјаник или не, колку што е важно општеството да порасне. Локалните власти во Неготино треба на жителите на Тимјаник да им ја дообјаснат идејата за домот кој е планиран во нивното село, а потоа да се види што ќе се прави. Ова беше кажано на вчерашниот брифинг со претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс и министерката за труд и социјална политика, посветен на деинституционализацијата.

– Им се заблагодарувам на сите што понудија локации за децата со попреченост. Но не се откажуваме од Тимјаник. Не за тоа дали таму ќе биде домот за децата, туку за да дојдеме до позитивна дискусија со тамошното население. Сметам дека нивната завчерашна реакција беше природна реакција на луѓе на кои им отидовме во дворот. Дали ќе отвориме мал групен дом во Тимјаник, ќе биде заедничка одлука на жителите, на Општината и на Министерството за труд и социјална политика – рече Царовска.

Стандардите налагаат децата со попреченост да не живеат далеку на „нива“, туку блиску до градинка, училиште, блиску до луѓе со кои можат да се социјализираат. Затоа домовите се прават во населени места, а не далеку од нив. Од Општината уверуваат дека брзо ќе се најде решение.

– Сметам дека сме на добар пат. Јас повторно разговарав со луѓе што беа завчера на протестот. Мислам дека ќе се постигне договор домот за деца со попреченост да продолжи да се гради и да се најде локација за градинка – изјави Диме Велков, претседател на Советот на Општина Неготино.

Додека се „крчка“ договорот, млади луѓе од Неготино синоќа излегоа на марш на чело со Драгица Иванова, млада девојка со церебрална парализа, која е во инвалидска количка. Гага, како што нагалено ја нарекуваат во Неготино, има и помало братче со попреченост. Нивните родители повеќе од 20 години сами се грижат за неа и за Стефан. Младите во Неготино редовно се дружат со Драгица, ја носат на настани, ја посетуваат дома. Целта на маршот е да се испрати пораката дека во Неготино има место за лицата со посебни потреби.

„Не е добро кога поради мала група на неинформирани граѓани се формира мислење за цело население. Во Неготино има простор за лицата со посебни потреби. Во 18.30 часот се собираме пред куќата на Гага и нејзините родители, заедно со нашите родители, другари и пријатели. Ќе направиме многу мирен марш заедно до центарот на градот, кој ќе го предводи Гага. Ќе се дружиме и на една пијалак. Ви гарантирам, немате потреба од страв дека вие или вашите деца ќе бидете нападнати. А тоа дека може да бидете изгушкани од Гага – тука не гарантирам! Посебна покана упатуваме до граѓаните на Тимјаник. За вас, покрај бесплатната прегратка, имате и гратис пијалак од Гага“, стои во повикот што го испратија пријателите на девојката.

Според претставникот на УНИЦЕФ, реакциите на населението во Тимјаник се очекувани. Слични имало и на други места кога почнувала деинституционализацијата, како на пример во место близу Подгорица во Црна Гора. Според него, жителите на Тимјаник можеби не се толку исплашени од децата со попреченост, колку што се обременети со егзистенцијални проблеми, како сиромаштијата, опфатот во детскиот развој, образованието, здравството.

–  За да не се повторуваат вакви ситуации, важно е населението да биде сослушано од локалните заедници и да се земат предвид неговите укажувања и проблеми, но треба и да му се објасни за што точно станува збор. За конкретни резултати во еден ваков сложен процес е сепак потребно време – рече Перкс.

Градоначалникот на Неготино отиде кај тимјаничани

Тони Делков, градоначалник на Неготино, се вратил од службениот пат во Бугарија каде што бил дента кога реагираа жителите на Тимјаник. Тој синоќа требаше да присуствува на маршот во Неготино, а потоа да се сретне со дел од населението на Тимјаник. Делков негира дека пратил писмо до премиерот Зоран Заев во кое вели дека општината е против домот за деца на предвидената локација во селото.

– Не пишавме дека сме против, туку само информиравме за актуелната состојба. Жителите реагираа, а јас како градоначалник сум должен да ги слушам сите. Општината сто отсто ги поддржува децата со попреченост и тоа досега докажавме. Јас поддржувам да има дом за тие деца. Поради оние што сметаат дека е погрешна локацијата, се создаде и погрешната слика за Тимјаник – изјави Делков.

И самец може да биде згрижувач

Вкупно 75 деца пројавиле интерес да бидат згрижувачи на деца без родители, деца со пречки во развојот и деца одвоени од своите родители, за нецели две недели од почетокот на кампањата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ „На секое дете му треба семејство“. Целта на оваа кампања е да се најдат згрижувачи каде што ќе можат да се сместат над 200 деца, кои сега се сместени во разни институции во земјава, а каде не ја добиваат потребната љубов и топлина што може да ја даде само семејството.

Згрижувачките семејства се подобра опција за децата од малите групни домови бидејќи во нив децата се најблиску до семејната топлина. Од денеска почнува кампањата за згрижувачки семејства низ населените места во Македонија.

– Идејата со оваа кампања е да ги привлечеме луѓето кои веќе изгледале свои деца и кои имаат уште љубов за давање, па се во можност да згрижат некое од овие деца. Имаме и голем број луѓе кои чекаат да посвојат дете со години, сакаме и нив да ги убедиме да станат згрижувачи – рече Царовска.

За разлика од посвојувањето, каде што дете може да посвои само семејство, згрижувач може да биде и самец.

Сите заинтересирани што би сакале да станат згрижувачи потребните информации може да ги добијат на бесплатната телефонска линија 15133.

С.С.З