Почна расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2018 година


Пратениците денеска во рамки на 26. седница ја почнаа расправата по Дополнетиот предлог на Буџет за 2018 година.

Дополнетиот предлог буџет за 2018 година беше на дневен ред закажан минатата недела, но поради објективни причини седницата беше презакажана за денеска. На седницата, како што најави, не учествува опозицијата.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението рече дека Предлог-буџетот за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на Владата за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството, повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Во Дополнетиот предлог буџет кој го испрати Владата, прифатени се амандмани од комисиската расправа во македонското Собрание и со нив направени се зголемувања на финансиските средства за гасификација во висина од 120 милиони денари, кај блок дотациите за градинки, основни и средни училишта и културни установи за 200 милиони денари, кај Фондот за здравство за 100 милиони денари и кај Инспекторатот за животна средина за 10 милиони денари.

Вкупните приходи во Буџетот за 2018 година се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.