Портпаролот Бошњаковски тврди: Рашковски, има одбранет докторат


По бурните реакции во јавноста  дека во биографијата на генералниот секретар  на Владата, Драги Рашковски лажно стои дека има два доктората, вчера се огласија од Владата. Според нив, генералниот секретар има одбранет докторат и за тоа доставил диплома.Уште повеќе од Владата тврдат дека при секое вработување тука се врши проверка на внесените податоци во пријавата со условите што се барале.

„Согласно Закон за административни службеници, при административната селекција за вработување на административни службеници, се врши проверка на внесените податоци во пријавата за вработување со условите утврдени во јавниот оглас. Проверката на веродостојноста на доказите ја врши Комисијата за селекција за што кандидатите се должни да ги донесат на увид во оригинал или заверен препис сите докази наведени во членот 36, ставовите 2 и 3 од овој закон, најмалку три часа пред почетокот на интервјуто. За кандидатите кои нема да ги достават доказите согласно со ставот 1 на овој член, постапката на селекција завршува“, информираше вчера портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Димитар Апасиев од Левица, кој го отвори случајот, напиша  дека генералниот секретар уште лани побрзал да се пофали со наводна втора научна титула „доктор на науки“, иако ни до денешен ден го нема одбрането докторатот, ниту пак има добиено позитивна рецензија за истиот.

„Драги Рашковски, кој на функцијата генерален секретар на Владата беше избран на 5 јуни лани, ја излажал јавноста дека поседува  два доктората. Овој лажен податок го пласирал во своето официјално Си-Ви, кое сè уште стои на владиниот сајт. Имено, од јавно објавениод Билтен на УКИМ бр. 1149 еден месец подоцна, т.е. на 30 јуни 2017  се гледа дека Рашковски во моментот на избор на функцијата немал ниту објавена одлука за прифатена тема за докторска дисертација, што е иницијална фаза за докторирање – а камоли „одбранет докторат“!?

Според правилникот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за трет циклус студии, во најдобар случај, меѓу објавениот наслов на дисертација и јавната одбрана на истата поминува една до две години“, пишува Апасиев.

Унивезитетскиот професор Илија Ацески вели дека ако генералниот секретар на Владата навел во биографијата дека има два докторати, од кои едниот не го одбранил, тоа може да се смета за морална димензија. Меѓутоа, тоа  не му помогнало да се стекне со позиција.

„Тоа нему не му треба да стане службеник, да се стекне со позиција, но го навел во биографијата. Сепак, треба да постои комисија која ќе има улога на  врховно тело, која ќе врши проверка  дека некој дал валидни податоци и се стекнал со позиција  или не “, рече професорот Ацески.

Професорот Ацески  смета дека и за вработени во образованието, конкретно на универзитетите, постои сериозно сомневање  за податоците што ги внесуваат во биографиите за избор, односно дека наведуваат активности што не постојат. Подвлече дека има професори кои наведуваат податоци и факти со кои стекнуваат позиција,  особено на Универзитет, а тоа не го направиле.

„Седела во публика и си нижела бодови за наука. Потребно е да се почне со посериозни опомени,  дека не може тоа да го прават. Труд кој е објавен во билтен го вреднуваат како наука. Не можат со фалсификувани нешта да стекнуваат позиција. Има елементарни прекршувања на тие правила и така се  стекнуваат позиции и од тие позиции имаат материјална корист .

Затоа, државата мора да  направи превреднување во високото образование таму  каде што има сомневање дека некој се стекнал со звање врз база на недоречени и фалсификувани документи. Како некој земал три или пет бода за наука, а неговиот труд нема елементарни вредности? Комисија која ќе укаже дека  овие трудови кои некои ги вреднувале во тие комисии се неквалитетни, дека се трудови што немаат врска со лицето кое го бираат во повисоко звање“,  додаде Ацески.

Вероника Мароска-Леова