Попоски и Тодоров го меркаат столчето на Мицкоски


Додека судијката Весна Димишкова „самоиницијативно“ се откажуваше од слободниот викенд за да го испрати во куќен притвор Сашо Мијалков, Никола Тодоров му пишуваше писмо на Христијан Мицкоски. Пораките дека претседателските избори ќе покажат оти не заслужува да ја води партијата, како и одговорот од пониските ешалони на ВМРО-ДПМНЕ дека „министерот за смрт“ нема право да критикува, покажуваат оти „дворските“ игри во опозицијата не престанале. Напротив, сигналите што доаѓаат од вмровските кругови укажуваат дека картите до крај ќе се отворат по пролетното соочување за наследник на Ѓорѓе Иванов.

Според информациите до кои дојде „Независен весник“, разрешените и исклучените функционери не планираат туку-така да го признаат поразот и чекаат погоден момент да се вратат во битка за превласт во белиот дворец. Тоа, според претпоставките, би биле претседателските избори, каде што евентуален неуспех на опозицијата би им дал ветер во грб на избрканите да го критикуваат новото раководство на партијата и да побараат нивно заминување. Тоа, на некој начин, Тодоров и го најавува во писмото до Мицкоски.

„Мицкоски мора да знае дека неговата политичка амбиција како претседател на ВМРО-ДПМНЕ не е да победи на следните парламентарните избори, туку партијата да победи на следните претседателски избори. Се плашам дека можеби повторно планира некого да пушти низ вода, само за да си ја зачува фотелјата во партијата. Овој пат, судејќи по тоа како ја води партијата и довербата што тој лично ја ужива помеѓу граѓаните, свесен за поразот кон кој ги води сите, веројатно, првата жртва ќе му биде кандидатот за претседател кој, според него, ќе биде виновникот што сам си ги загубил изборите. Затоа и ќе биде многу тешко, кредибилен и квалитетен кандидат да изрази подготвеност да биде кандидиран од Мицкоски. Никој, кој е сериозен и држи до себе, не сака да биде уште едно жртвено јагне“, вели Тодоров во своето јавно обраќање апелирајќи да се смени тактиката.

Нашите соговорници брифираат дека опозицијата во опозицијата ќе почне да му создава притисок на Мицкоски оти мора да победи на претседателските избори, иако се свесни дека досега не се случило партијата што е на власт да не добие и претседател од своите редови. Како бонус на ривалите во опозициските редови би им дошол исклучително лош резултат на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Нивните пресметки се дека не смее да му се остави простор на актуелниот лидер да ги дочека парламентарните избори, кога и да бидат, а кои во ВМРО-ДПМНЕ се сметаат за клучни бидејќи им е јасно оти за година-две и позицијата на Мицкоски во партијата и во јавноста ќе биде засилена.

„Комбинирано со разочараноста во власта, победата на ВМРО-ДПМНЕ изгледа логична, па затоа ќе се обидат сега да го тргнат Мицкоски очекувајќи оти кандидатот на СДСМ, особено доколку биде Зоран Заев, сигурно ќе извојува победа на претседателските избори“, тврдат нашите извори.

Освен Тодоров, кој во неколку наврати покажува политички амбиции, како најсериозен кандидат да биде на чело на вмровското кормило се споменува и ексминистерот за надворешни работи Никола Попоски. Како негова предност се смета тоа што исклучително добро котира кај меѓународните челници, а со својата одмереност не создава непријатели. Го нема во „бомбите“ од прислушуваните разговори, а како пратеник не гласаше за договорот за името, што би било добредојдено кај вмровските гласачи. Додуша, не гласаше ниту против, бидејќи беше отсутен. Сепак, неговото име се споменуваше и кон крајот на 2017 година кога се избираше наследник на Никола Груевски, па тој не покажа лидерски аспирации. Тоа му се зема за слабост, како и тоа што поголем дел од времето е во странство, па оддава впечаток дека не е премногу заинтересиран за случувањата во земјата и во партијата.

Тодоров, пак, е мета на гневните членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои постојано му праќаат пораки дека е еден од „предавниците“ на идеалите тврдејќи оти лично учествувал во лобирањето кај одметнатите пратеници да се премислат и да гласаат за уставните измени. Му префрлаат оти додека бил министер и близок на Груевски, не се жалел на политиките во ВМРО-ДПМНЕ, а сега, соочен со истрагите на СЈО, станал главен сојузник на власта. Како грев му се зема и тоа што учествувал во потпишувањето на пржинскиот договор, кој во ВМРО-ДПМНЕ го сметаат како почеток на нивниот пад.
На Митко Јанчев, кого дел од јавноста веќе го гледа како кандидат за лидер на опозицијата, барем засега не му се даваат сериозни шанси, иако неспорна е неговата соработка со Тодоров, па при промена на власта во ВМРО-ДПМНЕ сигурно би се нашло место и за него.

Кога е во прашање Сашо Мијалков, неговиот углед во очите на вмровците е сериозно нарушен, што се виде и со едногласната одлука за негово исклучување од членство, но моќта и парите што ги поседува не смеат да се потценат. Сепак, се проценува дека неговата политичка кариера е мртва, па тој би дејствувал од заднина.

Кога би се тргнале заговорите на страна и би се увидела моментната реална слика во ВМРО-ДПМНЕ, јасно е оти во моментов нема расположение за смена на Мицкоски. Тој одеше по жица еден солиден период минатата година и лесно можеше да се случи да изгуби рамнотежа, но успеа да се задржи на нозе. Во извршниот и во централниот комитет има целосна поддршка, а ги фати конците и во општинските комитети. Членството, како и гласачкото тело ги држи во кондиција со редовните маршеви и протести, а ладнокрвно се однесува и на повиците за заминување што ги добива од поранешните сопартијци. Тактиката на игнорирање продолжува и сега, пораката од белата палата е дека силите треба да се насочат кон смена на власта, а во таа битка добредојдени се сите што сметаат дека премиерот Заев и неговиот тим мора да си заминат. Малку на среќа, а малку и со политичка вештина, успеа да се ослободи од плаштот што ја оптоваруваше партијата: двоецот Груевски – Мијалков, без воопшто да се огради од начинот и стилот со кој една деценија ја практикуваа власта во државата. Братучедите во рок од неколку дена тргнаа во различна насока: едниот во Будимпешта, а другиот во Шутка. Од друга страна, не смее да се занемари влијанието што Брисел и Вашингтон го имаат врз политичките случувања во земјава, а тие, најблаго кажано, се измачија минатата година со Мицкоски. Непопустливоста кон светските центри на моќ им создадоа големи главоболки на странците, па последните пораки на конструктивност, ќе дојдат на проверка по завршувањето на процесот околу собраниската ратификација на договорот за името. Тогаш, всушност, се очекуваат и „пореметувања“ во редовите на власта, а вниманието конечно ќе се насочи и кон претседателските избори.

Горан Адамовски