Политички трилер во парламентот


Законодавниот дом не памети од поодамна толкава напнатост и непредвидливост како во текот на вчерашниот ден. Расположението се менуваше од час во час, власта прво тврдеше дека има 80 пратеници, за потоа тој оптимизам да се стопи

Како на филмска лента се менуваа случувањата во текот на вчерашниот ден, информациите, а со тоа и прогнозите во парламентот околу владиниот предлог за пристапување кон уставни измени согласно со Договорот од Преспа. Продолжението на седницата што беше закажано точно на пладне не почна до доцна вечерта, така што остана неизвесноста околу тоа дали владејачкото мнозинство одоброволи доволен број опозициски пратеници да му свртат грб на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и да гласаат за почнување на постапката за промена на Уставот. Освен тоа, остана неизвесноста и дали воопшто ќе почне седницата, а ако почне дали само ќе продолжи дискусијата или ќе се оди и на гласање.

Последните информации, пред затворањето на овој број на весникот, беа дека ќе се направи обид седницата да продолжи во 21 часот. Според висок владејачки функционер, обезбедено е двотретинско мнозинство, ама не може да се пристапи кон гласање поради закани на кои, наводно, се изложени опозициските пратеници од свои сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорникот на „Независен весник“ спомна и имиња на, главно, поискусни пратеници кои, наводно, се заканувале и ги притискале своите колеги да гласаат „против“ пристапување кон уставни измени или да не присуствуваат на гласањето.

„Планираме да се гласа вечерва, но не по секоја цена. Многу важно е во какви околности ќе се гласа. Не сакаме пратениците да бидат во непријатна ситуација“, изјавија извори од владејачкиот табор пред затворањето на весникот.

Од друга страна, и од опозицискиот табор вчера излегуваа со обвинувања за притисоци и влијанија врз нивни пратеници.
Македонскиот парламент не памети од поодамна толкава напнатост и непредвидливост како во текот на вчерашниот ден, додека околу зградата вриеше од полициско обезбедување, наспроти симболичната бројка протестанти против промените на Уставот кои ја затворија главната сообраќајница.

Додека се чекаше да почне седницата, која никако не почнуваше, низ ходниците во парламентот беше многу пофреквентно отколку во пленарната сала. Главните договарања, пак, се одигруваа низ кабинетите на коорднаторите на пратеничките групи и на спикерот Талат Џафери.

Додека собраниската сала на моменти беше речиси празна, а веднаш потоа речиси полна, што можеше да се регистрира од преполната галерија со новинари, може само да се претпоставува какви убедувања и разубедувања се случувале во собраниските канцеларии и какви тактики се кроеле и прекројувале во таборите на мнозинството и на опозицијата.

Првичните отимистички информации што излегоа од владејачкиот камп дека се обезбедени 80 гласа, а можеби и повеќе, за неполн час се најдо под „сомневање“, откако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на прес-конференција и го повикаа спикерот Џафери веднаш да го стави на гласање предлогот за уставните измени за да се види дека нема мнозинство за уставни измени.

На пресот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше Антонио Милошоски, но новинарите веднаш потоа пресметаа дека зад него не стојат повеќе од 25 до 30 пратеници. Меѓу нив ги немаше пратеничките Владанка Авировиќ од СПМ и Нола Исмајловска, кои единствени од опозицијата останаа на списокот на дискутанти за вчерашното продолжение на седницата. Меѓу колегите ги немаше ниту пратениците Елизабета Канческа-Милевска и Панчо Минов од ГРОМ, кои во текот на пленарната расправа настапија со поумерени ставови во однос на договорот со Грција и уставните измени што произлегуваат од него.

Претходно, во парламентот се појавија и пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, кои пред неколку дена беа пуштени од домашен притвор. Во меѓувреме, стигна и веста дека од слобода ќе се брани и последниот од обвинетите пратеници за настаните во Собранието на 27 април минатата година – Крсто Мукоски.

Во калкулациите околу можните имиња на пратеници кои би стиснале зелено светло за почеток на промена на Уставот сето ова време не фигурира поранешниот премиер Никола Груевски. Сепак, веста за пуштањето на Мукоски стигна заедно со информацијата дека скопскиот Апелациски суд ја достави до понискиот суд одлуката за правосилноста на пресудата од две години затвор за поранешниот премиер.

Околу 18 часот, премиерот Зоран Заев, за кој имаше информации дека цел ден е во парламентот, излезе од законодавниот дом и замина во владата. Притоа беше уловен од камерите на ТВ 21, така што изјави дека можеби ќе се врати и дека се прават напори да се обезбедат 80 гласови. Таа изјава беше сигнал дека потребното мнозинство сѐ уште не е комплетирано, со што се потврдија на некој начин информациите дека фалат уште еден до два пратенички гласа.
Пленарната расправа за пристапување кон уставни измени почна во понеделникот. И иако, според Деловникот, расправата може да трае до десет дена, вчерашниот ден беше одреден како клучен за изјаснување на владиниот предлог.

В понеделник во Скопје доаѓа Метју Палмер, висок функционер на Стејт департментот, така што голема е веројатноста дека за време на неговата посета ќе се знае дали спроведувањето на договорот од Преспа ќе продолжи во овој состав на парламентот.

(А.М.М.)