Партијата на Села бара максимални казни за уапсените


Вчерашните апсења на повеќе функционери, пратеници и лица кои се идентификувани во видео материјалите од страна на Јавното обвинителство, не само што ја разбранува јавноста, туку и политичките партии во земјава. Веднаш по апсењата со огласи вториот човек на СДСМ, Мухамед Зекири.

Тој преку социјалните мрежи упати порака дека Зоран Заев е човек кој го одржува зборот и дека сите тие кои што се огрешиле ќе одговараат за своите дела.
„Премиерот е човек кој го одржува зборот. Правда мора да има. Сите терористи, до последниот, ќе одговараат“, напиша Зекири.

На иста линија со својот коалициски партнер се и од ДУИ. Од партијата на Али Ахмети побараа да се смират страстите и да се остави простор правдата да го каже своето. Пратеникот на ДУИ, Артан Груби, изјави дека токму владеењето на правото е предуслов за демократска Македонија која сите треба подеднакво да ја почитуваат.

„Треба да оставиме простор правото да го каже своето, без предрасуди за ниедна институција. Треба да оставиме процесот да тече за да излезе на крај вистината на виделина. Што се однесува до иземањето на мандатите, за тоа треба да се произнесе првиот човек на парламентот како и Комисијата за мандатски и имунитетски прашaња. Веднаш штом се извести парламетот, ќе биде свикана седница во врска со оваа ситуација„, изјави пратеникот на ДУИ, Артан Груби.

Последните апсења, според Алијансата на Албанците, се добар почеток за владеење на правото. Сите тие што се вмешани во настаните на 27 април, било хулигани, поранешни пратеници или моментални пратеници, од партијата на Зијадин Села побараа да одговараат за тие дела пред лицето на правдата.
„Сите тие што се вмешани во настаните на 27 април, било поранешни или сегашни пратеници, функционери или хулигани, треба да излезат пред лицето на правдата и да одговараат за сторените дела, да се осудат на максимални казни, бидејќи само на овој начин може да се врати довербата на граѓаните во ограните да државата. Преку оваа акција се испраќа порака дека таков настан никогаш не треба да се повтори, зашто на брутален начин беше нападната куќата на демократијата и беа ризикувани животи на пратениците при што најлошо помина лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села“, велат од оваа партија.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ побара приведените лица и членовите на партијата, веднаш да бидат пуштени на слобода. Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски оцени дека преку овие потези, СДСМ се обидува до го укине правото за слободно мислење.
„ Бараме итно и безусловно стопирање на малтеретирањата, теророт и изживувувањето кое го прави СДСМ. Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон„, рече на прес-конференција во партиското седиште Груевски најавувајќи дека ќе се приклучи кон учесниците на протестот пред Основниот суд Скопје 1, каде трае распитот на приведените лица.
„Ова е последниот чин на пресметка со слободно мислечкиот Македонец и граѓаните кои се одважија да кажат став за разградувањете на државата против Тиранската платформа, а против насилието на власта. Против секој кој мисли македонски и се грижи за националните интереси. Во прашање е државата. Ова не е правда, веќе законите и Уставот не важат, ова е заробена држава“, рече Груевски.

Според политичкиот аналитичар Џенис Сулимани, конечно правдата гласно го кажува своето. Според него, апсењата на одговорните лица за 27 април е во прилог на тоа што новата влада секогаш го говорела, дека никогаш нема да дозволи истиот режим да се повтори.
„За да не се повторат грешките од мината власт, оваа таканаречена реформаторска влада треба да го прави спротивното од тоа што го правеше минатата влада. Граѓаните веќе дознаа за целите на ВМРО – ДПМНЕ и во случај партијата на Груевски да се обиде да ја замати сигурносната ситуација, ќе ја нема подршката на граѓаните. Граѓаните веќе се свесни, и мое мислење е дека граѓаните треба да излезат и да протестираат за теророт направен на 27 април за да одговорните лица се најдат зад решетки. Само на овој начин правдата ќе добие на тежина во Македонија. Со правда и отворени очи против неправдата за општиот интерес“, изјави Сулимани за Независен весник.

Инаку од ОЈО изјавија дека 36 лица се гонат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Блерим Исмаили