Падна првиот споменик од „Скопје 2014“: Демонтажа на проектот што го устоличи режимот


Новите скопски власти го отстранија од центарот на главниот град споменикот на Андон Јанев-Ќосето, кого историските читанки го споменуваат како контроверзна личност, па и терорист од времето на Внатрешно-македонската револуционерна организација.

Споменикот, кој околу четири години стоеше пред Судската палта во Скопје и чие подигање предизвика бура реакции во јавноста, исчезна тивко, во рани утрински часови – слично како што и беше подигнат во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ – во ситни ноќни часови, а како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“. Транспортирањето на споменикот во магацин во скопска фабрика, новиот градоначалник Петре Шилегов го „оправда“ со тоа дека е незаконски поставен, а за тоа што  е отстранет во рани зори рече дека е со цел да не се предизвикува застој во сообраќајот на една од најфреквентните крстосници во градот. На тоа место Градот Скопје ќе насади  дрво „на човекови права“.
Наспроти тоа, Виктор Цветаноски, долгогодишен новинар и фељтонист, кој посебно го истражува историјатот на македонското револуционерно движење, смета дека надлежните наместо да се повикуваат на технички причини, треба отворено да ги соопштат аргументите за тоа зошто се отстранува споменикот на личност која, како што наведува, е сосема безначајна и главно има негативна улога во рамките на историското ВМРО.

„Треба да се посочи отворено на грешките на претходната власт, која сакаше да ја менува историјата. На Ќосето воопшто и не требаше да му се подигне споменик, особено не на толку истурено и на централно место во главниот град. Тој бил терорист, кој убил стотина луѓе, меѓу кои и сопствениот брат, кој по налог ликвидирал Турци, гркомани, србомани и предавници на организацијата, така што тој нема никаква врска со правдата за да негов споменик стои пред зградата на Врховниот суд. За разлика од величењето на една таква фигура, запоставени се многу значајни дејци и идеолози на историското ВМРО“, вели Цветаноски.

По поставувањето на споменикот на Ќосето во Скопје, повеќе историчари реагираа дека станува збор за личност од локално и главно негативно значење. Дури и универзитетскиот професор Владо Поповски, функционер на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш во едно интервју ги потврди тезите дека Ќосето бил ликвидатор и сериски убиец.

Во истражувањето за Ќосето, Цветаноски наведува дека тој е роден и израснал во селото Голозинци, кај Велес и дека бил еден од најпознатите терористи на ВМРО во првите години по нејзиното формирање.

„Колку луѓе убил по налог на организацијата тешко може да се каже. Ако се суди според тоа што самиот го раскажува во своите спомени, станува збор за повеќе десетици. Живеел сто години и убил сто луѓе. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор. Таму каде што ќе загустеле работите на теренот, каде што требало да се расчистат сметките со тие што му создавале проблеми на народот, го испраќале Ќосето. Често убивал и од ќеф, а еднаш кога посегнал по животот на двајца попови – прогрчки и бугарски, и еден учител, Јане Сандански му испратил остро писмо и побарал да престане да убива попови и учители зашто ќе му требаат на македонското дело. Ќосето го ликвидирал и сопствениот брат, кога турската потера во потрага по него ќе го земе  во Солун за да им открие каде се криел“, забележува Цветаноски.

Според новинарот и аналитичар Љупчо Поповски, со отстранувањето на првиот споменик од „Скопје 2014“, новите власти, практично, прогласуваат дисконтинуитет со политиките на претходната владејачка гарнитура, што би значело симболично  уривање на режимот.

„Проблемот со спомениците настана кога идеологијата што ги постави веќе не е прифатлива, иако таа беше инсталирана само пред десетина години. Македонија се смени во последниве две години, но бронзата и мермерните грамади уште стојат. Тие беа поставени за да ја покажат моќта на идеологијата на еден режим, кој преку историски личности сакаше да се претставува самиот себеси. Дебатата за нив не беше околу уметноста на вајарството што ја носат, туку за нивната грандоманија и моментот кој нема допирни точки со денешнинава. Дали сега кон нив треба да се однесуваме како кон потсетници на минатото“, вели Поповски.

Тој посочува дека и во светски рамки се паметат случаи на отстранување споменици за да се означи крај наедно владеење, но, главно, се работи за споменици на лидерите на тие режими. Така, вели Поповски, во Багдад беше отстранет споменикот на Садам Хусеин, како што по 1989 година, во повеќето посткомунистички земји се тргаа спомениците на Ленин, а на просторите на поранешната СФРЈ се тргнати дел од спомениците на Тито.

Во септември 2014 година, во предвечерието на прославата на 23-годишнината од независноста на Македонија, пет нови споменици „никнаа“ во централното подрачје на главниот град. Покрај мноштвото споменици и барокни објекти што се поставуваа и градеа во тоа време во срцето на Скопје, се издигнаа и спомениците на Пере Тошев, Никола Русински, Ѓорѓи Сугаре Михајло Апостолски и на многу оспоруваниот Ќосето. За разлика од претходните, кои беа главно финансирани од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, спомениците што овој пат беа поставени во близина на Универзитетската библиотека и Судската палата, како и кај хотелот „Континентал“ беа финансирани од извесно Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Тогаш опозициската СДСМ го „прогласи“ ова Здружение за фантомско, посочувајќи дека зад него стои веројатно тогашниот премиер Никола Груевски. Од СДСМ наведоа тогаш и дека автор на еден од спомениците донирани од ова Здружение е Валентина Стефановска, една од најекспонираните уметници во проектот „Скопје 2014“.

Александра М. Митевска

СДСМ: Проект што ја кривоколчи националната историја

СДСМ, во своите програми, неколку изборни циклуси наназад најавуваше темелно преиспитување на проектот „Скопје 2014“ година, кој, паралелно со политиката на антиквизација, го обележа владеењето на претходната гарнитура и драматично го смени изгледот на главниот град. Во програмата за последните парламентарни избори, во 2016 година, насловена „План за живот во Македонија“, СДСМ оценува дека проектот „Скопје 2014“ е исклучително штетен, не само за градот Скопје, туку и за целата држава.

„Неговите најдеструктивни аспекти се политичкиот, уставно-правниот, меѓуетничкиот, културно-идентитетскиот, архитектонскиот, урбано-градителскиот, финансискиот и естетскиот. Особено е важно да се сфати широчината и длабочината на неговите последици, зашто тој не ја оштетува само нашата физичка стварност, туку ги суспендира уставноста и правната држава, ги урива вредносните системи во културата, ги разорува вистинските културни добра, ја кривоколчи националната историја и ги поместува темелните камења на нашиот национален идентитет“, наведе тогаш СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ: Само Талибанците и ИСИС уриваа споменици

ВМРО-ДПМНЕ реагираше вчера на отстранувањето на споменикот на Ќосето, со констатација дека само Талибанците во Авганистан и радикалите на ИСИС во Сирија и во Ирак уриваа споменици.

„Истото што го правеа Талибанците и ИСИС во регионите зафатени од војна, го гледаме денес во Македонија, во срцето на Европа. СДСМ, кукавички во раните утрински часови, решија да го задоволуваат својот апетит за деструкција. СДСМ не можат да поднесат да гледаат ништо што е изградено, создадено и што претставува паметник за македонската историја. Не им дава мир истовремено многу ги боли бидејќи тие самите се неспособни за ништо креативно“, изјави пратеникот Крсте Јовановски.

Според него, владејачката партија манифестираа длабока фрустрација и гнев кон Македонија и кон македонската историја и култура. СДСМ, вели, работи за рушење на македонскиот национален дух.

„СДСМ во тајност, далеку од очите на јавноста, во текот на ноќта го срушија споменикот на македонскиот револуционер Андон Јанев Лазов – Ќосето.Надвор од умот и од цивилизираното однесување, надвор од законот, вандалите испратија механизација за да отпочнат со уривање за да ја покријат неспособноста и неработењето овие девет месеци откако се на власт“, изјави Јовановски, најавувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, откако ќе се врати на власт, „ќе ги исправи сите штети кои ги предизвикува оваа вандалска власт“.