Османи не е во право: Каракамишева не може да влијае врз Венециската комисија


И покрај спротивните најави од вицепремиерот Бујар Османи, Владата одлучи целиот Закон за јазици да го испрати во Венециската комисија. На мислење до советодавното тело на Советот на Европа околу уставноста на законот се испратени и двата члена што не се дел од донесеното решение: одредбите за двојазичност на банкнотите и воените униформи. Од Владата потенцираат дека во писмото до претседателот на Комисијата, Џани Букичио, било наведено оти, како и досега, мислењата што ги добиваат оттаму претставуваат значајна поддршка на реформите на правниот систем во Македонија, чија цел е воспоставување на највисоките европски стандарди, особено што конкретниот закон ја остварува програмската определба за едно општество.

Во писмото до Венециската комисија пишува и дека испраќајќи го Законот и алтернативата на членот 8, Владата очекува мислење по истите од аспект на нивната усогласеност со европските стандарди и со принципот на владеење на правото. Законот за употреба на јазиците произлегува од Охридскиот рамковен договор, кој е имплементиран во Уставот на РМ, а една од неговите цели е да се создаде хармонична правна рамка во која законските одредби нема да ја загрозат уставноста на Македонија ниту европските стандарди, а воедно ќе претставува добра почетна основа за процесот на негова имплементација“, нагласуваат од „Илинденска“.

Деструктивниот елемент“

Испраќањето на Законот за јазици на проверка се совпадна со враќањето на премиерот Зоран Заев од зимски одмор. Во негово отсуство, вицепремиерот Османи се закани дека до Венециската комисија ќе бидат испратени само членовите за банкнотите и за униформите, а не целиот закон, затоа што во ова тело како претставник од Македонија е професорката Тања Каракамишева, која, наводно, се обидувала субјективно да влијае на Законот. Каракамишева, која е претседател на комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ, Османи ја нарече деструктивен елемент за кој ќе гледале со коалициските партнери како да го повлечат од Венециската комисија.

Тој ‘деструктивен елемент’, кој вие сакате да го тргнете од Комисијата, е професор по уставно право и политички систем, кој нема да можете да го повлечете до 2020 година бидејќи дотогаш му трае мандатот. Правилата на употреба на малцинските јазици во државите не зависат од професор Каракамишева ниту, пак, зависат од вас. Тие правила мора да бидат во согласност со меѓународните и европските документи за правото и опсегот на употреба на истите во државите. Тоа што вие сакате во Македонија да важи нешто што не важи за ниту едно малцинство во светот, е проблем на вашата партија, но не и на правната наука и експертската анализа. Како доктор по медицина, очигледно немате поим за стандардите и правилата поврзани со употребата на малцинските јазици во светот. Токму затоа, немате никакво право да зборувате за правните правила, а уште помалку имате право да се мешате во работата на комисијата и хипотетички да претпоставувате кој врз кого може да има влијание при донесувањето на одлуките. Венециската комисија не е вашето гранапче во Мала Речица. Таа е сериозно експертско тело кое на темелен и аргументиран начин ги проценува и анализира правните акти. Вашиот коментар дека Комисијата ќе биде под влијание на моите ‘субјективни ставови’ ја покажува вашата елементарна некултура и непознавање како функционираат институциите, со кои, за жал, имате секојдневен контакт“, му реплицираше Каракамишева на Османи.

Таа посочува дека за ваквиот срамен јавен коментар ќе бидат информирани претседателот, генералниот секретар и сите членови на Венециската комисија за да се разуверат во демократски капацитет на министерот од редовите на ДУИ.

Невозможно е да се влијае

Судијката Маргарита Цаца Николовска објаснува дека е практично невозможно претставникот на една земја да влијае врз одлуката на колегите, затоа што, пред сè, нема шанси на кој било начин да работи на предмет што се однесува на нејзината држава.

Се формира комисија, главно со четири експерти. Притоа, се внимава барем некој од нив да ги познава работите, односно правните состојби во државата за чиј закон или одредба се одлучува. На пример, за Законот за судовите што е последен и за кој добивме мислење од Венециската комисија, одлучуваа професори од Ирска, Бугарија, Словенија и Унгарија. Тие ги согледуваат различностите, ги следат сличните искуства, гледаат дали е прекршен законот или уставот на таа земја. Некој од нив може да дојде во земјава со цел лично да се увери каква е ситуацијата. Се случува некоја земја да испрати само одредени членови од законот, но и во таква ситуација, експертите вообичаено бараат да го добијат целото законско решение за да го видат контекстот, па да формираат мислење“, објаснува Цаца Николовска, која беше судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таа објаснува дека мандатот на експертите трае четири години, а секоја земјата сама го предлага својот кандидати.

Законот за употреба на јазиците беше објавен во „Службен весник“ на 14 јануари годинава само со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со укажување дека тоа се прави бидејќи шефот на државата Ѓорге Иванов одбил да го стори тоа.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо.

Одлучуваат независни експерти по уставно право

Венециската комисија е советодавно тело на Советот на Европа и е составена од независни експерти по уставно право. Таа беше создадена во 1990 година, една година по падот на Берлинскиот ѕид, кога во Европа се отвори новиот хоризонт на демократијата и соработката. Се нарекува Венециска поради тоа што нејзиниот прв состанок се одржа во Венеција, а инаку се нарекува Европска комисија за демократија низ законот. Комисијата одржува четири состаноци годишно во Венеција, која ѝ отстапи седиште во една палата.

Комисијата во овој момент брои 60 земји членки: 47 од Советот на Европа, и уште 13 други од другите континенти, како САД, Канада, Бразил, Израел… Според одредбите, членови на комисијата (по еден од секоја земја) се „познати научници, особено во полето на уставното и меѓународното право, судии на врховни или уставни судови и членови на парламентот“. Претседател на комисијата уште од 2009 година е Џани Букичио, кој дотогаш беше генерален секретар. Главната работа на Венециската комисија е разгледување на предлозите на уставите и уставните амандмани. Мислењата на комисијата не се обврзувачки за земјите членки, но во најголема мерка се почитуваат.

Заев: Ќе ја почитуваме одлуката

Законот за јазици е испратен до Венециската комисија, заедно со двете алтернативни одредби и се очекува комисијата во регуларен период да ги даде своите сугестии, кои потоа ќе бидат вградени во текстот. Како и пред повеќе од една година, кога почна дебатата за Законот за јазиците и кога ги прифативме сугестиите за да ги отстраниме резервите на кој било граѓанин, така и сега велиме дека по изгласувањето, објавувањето и испраќањето на законот и по укажувањето на Венециската комисија, секое укажување ќе биде вградено. Да не му се плашиме затоа што се работи за употреба на јазици, полесно ќе се разбереме. Тоа е уставно право на дел од нашите граѓани од помалобројните заедници и тоа не повредува некое друго право“, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Горан Адамовски