Опозицијата со 279 амандмани: Помалку пари за чист воздух, а повеќе за плати


Помалку пари за заштита на животната средина, а повеќе пари за културата. За власта буџетот за 2018 година е развоен и реформски, а за опозицијата е нереален. Додека владата вели дека ова е најекономскиот буџет досега, опозицијата обвинува дека нема пари за клучни проекти.
Министерот Драган Тевдовски пред пратениците ја претстави државната каса и истакна дека ќе ги трошат народните пари на вистински мерки, кои ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не, како што рече, на расипништво и непотребни проекти. Барањата на опозицијата, преточени во 279 амандмани, се дека следната година треба да се наменат повеќе пари за изградба на училишта, на  базени, за обезбедување печки на пелети и за електрични автобуси.

– Преку амандмани ќе бараме повеќе пари за реновирање на студентските домови во Скопје, да се зголемат стипендиите за учениците и студентите. Меѓу амандманите имаме и предлог за зголемување на платите на вработените во МВР, како и дополнителни средства во случај СДСМ да ја прифати иницијативата за продолжено породилно отсуство – вели Лилјана Кузмановска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието. Според неа, катастрофално е тоа што за следната година се намалени средствата за Министерството за животна средина во услови кога загаденоста е на толку високо ниво.

– Од вкупниот буџет следната година се одвоени само 0,4 отсто за заштита на животната средина. Споредено со ребалансот тоа е за 23 отсто помалку. Само во мини-корекцијата на буџетот, која беше направена пред десетина дена, средствата на Министерството за животна средина беа намалени за 8 отсто. Тие побарале 14,4 милиони евра, а им биле одобрени само 10,7 милиони евра за следната година – објаснува Кузмановска. За споредба, додаде таа, вкупно 1,19 отсто од буџетот следната година се наменети за култура, а  2,28 отсто за одбрана.

Министерот Тевдовски, пак, истакна дека следната година се предвидени повеќе пари за зголемување на платите во армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО-стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земените долгови и на затекнати неплатени обврски.

– Предлог-буџетот за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството, како повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО – нагласи Тевдовски.

Вкупните приходи за идната година се планираат во износ од околу 3,1 милијарди евра, а расходите околу 3,4 милијарди евра. Ваквата проекција би требало да го намали буџетскиот дефицит на ниво од 2,7 отсто од бруто-домашниот производ. Проекциите се дека економијата ќе порасне за 3,2 отсто.

Од даноци, пак, се планира да се соберат околу 1,8 милион евра, што е за 7,5 проценти повеќе од годинава, додека од придонеси се очекуваат 900 илјади евра, односно за пет проценти повеќе од годинава. Ваквото зголемување се должи на очекуваното раздвижување на економијата, на зголемување на вработеноста и на платите на вработените.

Расправата во Комисијата за финансирање и буџет ќе трае 10 работни дена, така што се очекува најдоцна до 20 декември предлог-буџетот да биде изгласан во Собранието. Доставени се вкупно 279 амандмани од кои 204 од ВМРО-ДПМНЕ, а останатите 57 од БЕСА.

Владата си даде повеќе пари, му ги скрати на Иванов

Следната година помалку пари од буџетот ќе добие  претседателот Ѓорѓе Иванов, а повеќе  Агенцијата за разузнавање. Од министерствата, пак, најголемо зголемување на буџетот има Министерството за информатичко општество, а помалку пари ќе има за Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура и за локална самоуправа.

Така, следната година Агенцијата за разузнавање има на располагање буџет од околу 3,5 милиони евра. Тоа е за 148 илјади евра повеќе спредено со оваа година. Претседателот Иванов, пак, има на располагање вкупно 1,21 милион евра, што е кратење за 112 илјади евра споредено со парите што ги има на располагање годинава.
Поголем буџет има Владата, односно вкупно 38 милиони евра, што е за 9 милиони евра повеќе споредено со оваа година.

Александра Спасевска