Од ОНА сакаат и другите сметки да им бидат платени


Сарај – Мрачен четврточен ден во скопски Сарај. Дупките на главната улица изгледаат уште подлабоки, прашината го стеснува погледот, но успевате да забележите дека покрај патот има голем број празни дуќани. Некои се издаваат, други се затворени со години, трети веќе преадаптирани. Нема некоја раздвиженост, иако станува збор за сообраќајница што го поврзува Сарај со градот, односно со Матка, Треска и селата што гравитираат по стариот пат кон Тетово.

Празни се и рестораните и чајџилниците. Во една од пицериите на влезот во населбата работи средовечен маж, кој во 2001 година бил припадник на Ослободителната народна армија (ОНА). Тој е еден од десетиците борци во Општината што беа на спротивната страна од македонската полиција и војската во конфликтот од пред речиси две децении. Сега, благодарејќи на градоначалникот Блерим Беџети и на советниците од трите најголеми албански партии во земјава, не мора да плаќа сметки за вода и за ѓубре бидејќи ќе му ги плаќа општината.

Секако дека тоа е добра одлука и не ми е јасно кому му пречела. Да бевме држава, не само ѓубрарина, туку и сите други сметки требаше да ни ги плаќа државата. Ние, припадниците од ОНА, немаме никакви бенефиции од тоа што учествуваме во војната, за разлика од македонската страна. Немаме никакво осигурување, пензии, надомест, помош… Се снаоѓаме како знаеме, а во денешно време воопшто не е лесно да најдеш работа и да издржуваш семејство. Не чуди што голем број мои соборци се иселени, а колку што гледам и Македонците се иселуваат. Ако државата не се погрижи и за нас и за нив, кој ќе остане да живее тука“, вели нашиот соговорник и инсистира да не му го пишуваме името бидејќи не сака да има проблеми со никого.

Тоа што било – било, да гледаме напред“, нè испраќа. Тоа што го зборува наидува на одобрување кај неколкутемина присутни, меѓу кои и еден униформиран припадник на МВР.

Има ли дискриминација

Одлуката на челните луѓе на Сарај да им го олесни животот на борците на ОНА предизвика лавина реакции во јавноста која гледа популизам, елементи на дискриминација кон другите жители на општината, но и повторно будење на ниските страсти во ситуација кога од мнозинската заедница во земјава се бара да ја проголта кнедлата околу името на државата.

Одлуката е дел од изборните ветувања на градоначалникот со која сакаше да ја испочитува нивната историска улога на локално ниво. Тоа е хуман гест кој произлегува од Рамковниот договор и не е дискриминирачки. И Владата ослободува целни групи од плаќање одредени давачки“, резонираат во Општината.

Во следните денови ќе се знае за колку точно припадници на ОНА ќе важи ослободувањето од плаќање бидејќи комисијата формирана за оваа намена има задача да ги преброи и регистрира борците. Беџети вчера цел ден беше на состаноци, не одговараше на повиците и на пораките, па не успеавме да добиеме одговор зошто Општина Сарај, која има финансиски долг од 1,5 милион евра, поради што Владата ќе мора да помогне со исплата на половина од сумата, си дозволува луксуз дополнително да влегува во загуба? Освен тоа, и Јавното комунално претпријатие „Сарај“ пријавило долг од дури 184.000 евра, па немаат логика за ваквите трошења заради политички маркетинг.

Не се тоа големи пари. Мојата сметка е околу 250 денари месечно“, вели Хасан Јакупи додека го чисти својот автомобил. Вели дека му е сеедно дали Општината некому ќе му ги плати тие пари, затоа што ниту некого ќе збогатат ниту некого ќе осиромашат.

Проблемот е што населбата ни се опустоши. Нема работа, младите се иселуваат. Продавниците се затвораат, луѓето што останаа немаат пари. Не се инвестира, не се асфалтираат улиците, нема фабрики или погони, комплексот кај Треска не функционира, патот до Матка е за никаде… Тој што има шанса бега или накај градот или надвор“, коментира Јакупи.

Ни вели дека и најголем број од на припадниците на ОНА се иселиле од земјава, па се пребројува сам со себе кој од тие што ги знае се сè уште тука. Му текнува после некоја минута. Се движиме кон кривината што води за Грчец. Во куќите ни велат дека човекот што ни треба заминал на кафе и ни покажуваат каде.

Нè излажа и партијата

Седнете, повелете, напијте се нешто“, нè кани на масата во чајџилницата. Гордо вели дека учествувал во конфликтот, но напоменува оти сега не би дигнал пушка за жива глава.

Нè излажаа тогаш, мислевме дека се бориме за права. Сега сме заборавени од сите, и од партијата, и од државата, и од народот. Меѓу нас има инвалиди, семејства со починати, невработени, болни, беспомошни… Место да се грижат за нас, тие си вработија свои луѓе што во 2001 година се криеја дома додека ние бевме по шумите. Знам дека исто е и кај вас. Затоа, сега не им поминува да нè скараат, за тие да можат да владеат на раат. Овие 250 денари олеснување е симболичен гест, добар е, но треба многу повеќе да ни дадат. Не да ни подарат, туку да покажат дека се грижат за нас. Моите двајца најдобри другари и соборци се преселија во Косово оти тука не ја бива работата. Внимавајте, во Косово, а не во Италија или во Германија. Сè помалку сум оптимист оти еден ден ќе биде подобро“, зборува поранешниот припадник на ОНА.

Сарај е една од десетте општини кои се дел од скопското подрачје. Според последниот попис во 2002 година, во општината живеат над 31.000 жители, но сега се калкулира со бројка од четириесетина илјади. Околу Сарај се распослани 23 населени места со огромно мнозинство албанско население. На локалните избори лани, правото на глас го искористија 16.507 граѓани, односно 53.35 проценти од запишаните избирачи. Вкупно 7.601 од нив гласаа за ДУИ, 4.144 за Беса, 3.304 за Алијансата за Албанците, 527 за ВМРО-ДПМНЕ и 462 за ДПА. Во Советот на општината ДУИ има десет советници, Беса пет и Алијансата – четири.

Беџети, кој е родум од Глумово, беше градоначалник на Сарај и во периодот од 2009 до 2011 година кога се откажа од фотелјата за да стане пратеник во Собранието, а потоа и министер за правда.

Горан Адамовски

Наум Котевски