Обвинителството оди кон врвот на пирамидата


Дел од обвинетите за 27 април во судот и пред јавноста открија кој го организирал упадот во Собрание и кој ги давал командите како да дејствуваат актерите во ова сценарио. Останува да се открие главното прашање, кој ги смислил крвавото сценарио и обидот за пуч.

Очите на јавноста сега се вперени кон шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и обвинител кој го води овој случај, Вилма Русковска. Јавноста од неа очекува да собере докази и да дојде до врвот на оваа пирамида која била добро смислена и организирана. Сепак, Русковска по овие сведочења е внимателна во откривањето на стратегијата на обвинителството, иако овој исказ Нинџа го дал уште во јуни во обвинителството.

Последните официјални информации од обвинителството кое го води се дека изјавите на браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски и последната клучна изјава на Александар Василевски-Нинџа се ценат со особена внимателност и се потврдуваат и со други прибрани докази.

„Имајќи ја предвид дадената можност на осомничените и обвинетите лица во текот на давањето исказ да не ја кажуваат вистината и за тоа да не подлежат на одговорност, обвинителството ваквите изјави ги цени во согласност со другите околности и докази“, велат од обвинителството.

За врвот на ВМРО-ДПМНЕ нема обвинение

 Од обвинителството официјално не откриваат дали поранешните функционери од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, поранешната заменичка-министерка за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски биле досега повикани на распит во обвинителството. Според изјавата на Бришкоска, за која Нинџа рече дека му се јавила на тогашниот спикер на парламентот, Трајко Вељаноски и дала наредба да се отворат вратите на Собранието, може да се заклучи дека таа досега не била во обвинителството за овој случај и се понуди да ја каже својата вистина. Поранешниот министер, Спиро Ристовски, за кого Нинџа рече дека заедно со Божиновски ги организирале протестите и токму тој бил на линија со Богдан Илиевски, еден од водачите на протестите, досега не е опфатен во ниту една истрага на Специјалното јавно обвинителство. Миле Јанакиески, кој според Нинџа им давал насоки на телефон на пратениците на крвавиот четврток, и Кирил Божиновски кој ги мобилизирал општинските комитети на партијата да дојдат во Скопје, веќе се во притвор за еден од неколкуте случаи кои ги води СЈО против нив.

Освен нив, наводно, во штабот на ВМРО-ДПМНЕ бил и генeралниот секретар во Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, Борис Јосифовски, кој веќе имал дадено изјава во обвинителството. Единствен што бил вечерта во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и кој е веќе на обвинителна клупа е поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој не му постави ниту едно прашање на Нинџа. Чавков, според Нинџа, вечерта давал наредби полицијата да не дејствува. Во штабот на партијата, според Нинџа, бил и Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК, кој по сведочењето на браќата заврши во Шутка.

Обвинителството не потврдува дали овие поранешни функционери кои ги давале наредбите се опфатени во рамки на предистражната постапка што ја води обвинителството против организаторите и нарачателите на 27 април.

„Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се води предистражна постапка во врска со учество и на други лица на 27 април 2017 година. Во рамки на постапувањето на обвинителството се преземаат дејствија за утврдување на фактите и за прибирање на материјални и вербални докази. Во моментов, поради потребите за непречено водење на предистражните дејствија, обвинителството не е во можност да ги сподели деталите кои ги барате“, велат од обвинителството.

Во својот исказ Нинџа единствено не кажа кој го смислил ова сценарио, што беше и главното прашање на судијката Добрила Кацарска. „Кој го смислил нападот треба да ги прашате луѓето што ви ги набројав во штабот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Нинџа.

Никола Груевски не беше споменат во сведочењата

 Браќата Младеновски кои влегоа маскирани во Собрание во сведочењето тврдеа дека планот за влегување во Собрание се знаел два месеца претходно, а главните насоки за дејствување им ги давал Нинџа. Но тој тврдеше дека тој и најголем дел од обвинетите не знаеле за она што се подготвува и во сведочењето се чудеше како може некој да смисли такво монструозно сценарио.

Во своето сведочење Нинџа само еднаш го спомена името на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој пред упадот во Собрание, му се јавил на телефон и му рекол да отиде во „базата“, што подразбирало во хотелот „Мериот“ или во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Во судот не беше споменато името на поранешниот премиер и тогашен лидер на партијата, Никола Груевски кој тогаш беше во Виена, од каде што, според обвинението, доаѓа повикот по кој се мобилизираат лицата со фантомки кои влегоа во Собрание.

В понеделник во судот треба да се појави поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој е предложен како сведок. Според сведочењата, тој примал и издавал наредби од својот кабинет во Собрание, но ниту него го нема во обвинението. Во моментов истрагата на обвинителството не е насочена ниту кон Кабинетот на претседателот Иванов, бидејќи обвинителството немало докази за директна комуникација помеѓу обвинетите што сведочеа и лица од Кабинетот.

Обвинителството сè уште проверува дали вечерта Иванов планирал да прогласи воена состојба и да ја мобилизира војската која наводно требало да ги апси пратениците на СДСМ.

Поранешниот судија и претседател на Врховниот суд на Македонија, Дане Илиев, е оптимист и верува дека полека, но сигурно истрагата ќе ги открие нарачателите.

„Мислам дека ќе се дојде до главните инспиратори, главните нарачатели, тука нема бегање, јавниот обвинител не може и не смее да дозволи оваа состојба да заврши тука“, вели Илиев.

Сепак криминалното минато на Нинџа ја спори вистинитоста на неговиот исказ и во јавноста се потсетува на неговото дебело судско и полициско досие, но и начините на кои лесно поминувал во пресудите за делата за кои бил обвинет.

„Демантите од кривично-правен аспект не важат. Но едно треба да се знае. Исказите за кои сега коментираме се дадени во официјална кривична постапка и тоа во доказна постапка. Прв доказ е исказот на обвинетиот, за да може тој да се користи, треба да му се дадени сите поуки по закон, меѓу кои да се брани сам, да си ангажира бранител, со молчење, сите можности кои ги овозможува Законот за кривична постапка. Ако овие елементи се запазени во постапката, од тој исказ може да се вадат докази и овие искази можат подоцна да бидат и доказ во правец на некоја истрага или предистрага. Тие искази не се безвредни. Само врз основа на нив не може да се донесе осудувачка пресуда, но на тој исказ може да се засноваат и да се вадат докази кои се потребни за потврдување на фактите кои се означени за квалификација на кривичното дело за кои се тие обвинети и за проширување на обвинението“, вели Илиев.

Исказите на овие обвинети кои открија многу детали за упадот во Собрание може да се земат како олеснителна околност при одмерувањето на нивните казни, па дури може и да се спогодат со обвинителството. Нинџа засега останува во притвор и покрај понудената гаранција од 800.000 евра. Според поранешниот судија Илиев, оние што сега го демантираат исказот ќе дојде време тоа да го кажат во официјална постапка, но крајниот збор ќе го има судот, односно судијката Добрила Кацарска која врз основа на понудените докази, ќе оцени кој ја зборува вистината.

Фросина Факова-Серафиновиќ