Нов пресврт во преговорите : Два чекори напред, еден назад за името


Телефонот во премиерскиот кабинет на „Илинденска“ не заѕвони до вчера доцна попладнето, додека во Скопје и во Атина се одбројуваа последните часови пред „историскиот разговор“ меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас. Двајцата премиери  потоа требаше да ѝ соопштат на јавноста дека постигнале договор за долгогодишниот спор за името.

Но, додека Заев, на годишнината од преземањето на власта, ја следеше собраниската седница за реконструкцијата на неговиот кабинет и можеби чекаше повик од Ципрас или се подготвуваше да му се јави на својот грчки колега, од владата во Атина стигна веста која предизвика нов пресврт во преговорите за кои до пред еден ден владееше впечаток дека се пред самиот финиш.

„Македонската страна очигледно не е подготвена да излезе во пресрет на она што беше договорено во Брисел меѓу двајцата министри за надворешни работи“, соопштија вчера за „Независен весник“ извори од грчката влада.

Според истите извори, веројатноста да дојде до договор во следните денови се оддалечува. Според нив, најверојатно се оддалечува и телефонскиот разговор Заев – Ципрас.

Иако македонскиот премиер го определи вчерашниот ден како последен за неговиот клучен разговор со грчкиот колега, соговорници од грчката влада соопштија доцна попладнето дека таа комуникација најверојатно нема да се реализира во наредните денови. Како причина за тоа Атина ја наведува наводната неподготвеност на македонската страна да го испорача тоа што било договорено меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас, во почетокот на оваа седмица во Брисел.

Во меѓувреме, според наши информации, во земјава се вратија членовите на  македонската работна група која беше во Атина за со грчки експерти да ги дефинираат деталите на нацрт-спогодбата што ја постигнаа Димитров и Коѕијас. Но, нема информации дали членовите се вратиле дома поради тоа што ја завршиле работата во Грција или затоа што не постигнале договор за одредени точки.

Со оглед на тоа што по враќањето на Димитров од Брисел сите сигнали укажуваа на тоа дека компромисот е на повидок, така што се правеше експертска анализа на рамката договорена во Брисел и беше објавен распоредот на чекори за спроведување на договорот, веста што стигна од Атина, а што ја објавија и влијателни грчки медиуми, се чини дека не ја изненади само јавноста во Македонија, туку дека ја затече и самата Влада. Неколку часа по објавувањето на информацијата дека се оддалечува договорот меѓу двете земји, од „Илинденска“ немаше информација што точно се случува.  Владини извори реагираа дека во овие моменти не треба да се подлегнува на шпекулации.

„Во овие моменти не треба да се подлегнува на шпекулации. Одговорното политичко однесување на сите политички фактори, во двете земји, е од најголема корист и во интерес на изнаоѓање решение“, велат извори од македонската Влада.

Неофицијално се проценува дека „не е сѐ загубено“ и дека сѐ уште е можен договор пред самитот на Европскиот совет кон крајот на овој месец. Во тој контекст, се посочува на предлогот „Република Илинденска Македонија“, по чие одбивање од грчка страна се чинеше дека преговорите во оваа фаза се завршени без договор, меѓутоа веднаш потоа следуваа средбите на Димитров и на Коѕијас во Њујорк, па во Брисел, по што се чинеше дека решението е на дофат. Таков впечаток, всушност, владееше и во текот на денот – додека се чекаше на разговорот Заев – Ципрас, за потоа наеднаш да стигне „студениот туш“ од грчка страна.

„Еден телефонски разговор ги дели Ципрас и Заев од договор за името. Телефонски повик што веројатно ќе се оствари денеска за да се закаже тет-а-тет во Преспа“, пишуваше онлајн изданието на весникот „Та неа“.

„Следниот очекуван чекор е телефонски разговор меѓу двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, што може да се оствари дури и во следните часови“, јавуваше  „Катимерини“.

Грчките медиуми прогнозираа и дека „Република Северна Македонија“ е името што е во предност во однос на другите предлози на медијаторот  Метју Нимиц – „Република Нова Македонија“, „Република Горна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“. За „Република Македонија (Скопје)“, пак, се посочува дека како предлог е одбиен од грчката страна. Според написите во тамошните медиуми, ако телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас има позитивен исход, тогаш договорот, веројатно, би се потпишал во Преспа (на грчка територија), пред самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни.

Сепак, од грчка страна дојдоа и предупредувачки сигнали дека договорот нема да биде полноважен без ерга омнес. Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчката телевизија „Епсилон“, посочи дека додека не се договори сѐ, не е договорено ништо.

„Она што со целосна сигурност можам да го кажам е дека ерга омнес и уставната ревизија се важни, односно главни предуслови за да може да постои каков било договор. Во овој момент не постои договор. Кога ќе има договор, ќе ги дискутираме сите аспекти, сите детали. Ќе го соопштиме договорот, ќе ги информираме политичките лидери, ќе го известиме грчкиот народ и тогаш ќе можеме да имаме јасна дискусија за сите аспекти“, изјави Ѕанакопулос.

Претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис, пак, во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ рече дека договорот со нашата земја ќе се ратификува во парламентот само ако се исполнат и завршат сите предвидени услови.

Бидејќи станува збор за ратификација на договор што ќе има и меѓународни аспекти и гаранции, сигурно ќе дојде во парламентот, но во крајната фаза, односно штом ќе се финализираат условите и предусловите што ќе бидат предвидени. (А.М.М.)