„Независен весник“ во скопскиот стационар: Вдомете, не купувајте куче


Калливиот пат што води до стационарот за бездомни животни „Вардариште“, без никаков патоказ и заобиколен со неколку расфрлани депонии од страните, запоседнати од десетици кучиња и птици што буричкаат по ѓубрето, е драматична подготовка за секој посетител – каква глетка ли го чека внатре во бетонскиот објект? Сликите од кабелските телевизии на кои ги гледаме шелтерите по светов се далеку од нашава реалност во „Вардариште“, како да не живееме на иста планета. За тоа каков е третманот на животните таму, беше  предизвик „Независен весник“ да побара да влезе во стационарот.

Имиџот на „Вардариште“ во јавноста не е позитивен, а забелешките на граѓаните и здруженијата за заштита на животните, во многу случаи, се оправдани и издржани. Жичаните огради и катанците не даваат некоја слика на добредојде, особено не на посетител што има намера да посвои улично куче. А одборот за дочек на секој што ќе им се приближи на оградите се токму кучињата од депониите, дел од оние што сè уште немаат дом, желни да ги издушкаат посетителите, да ги запознаат, да ги уверат дека треба да ги изберат и да си ги однесат дома.

Иако на прв поглед изгледаат застрашувачки, кога ќе те заокружат така во голема група, некои се огромни, некои се минијатурни, но веднаш на сите во погледот им се гледа дека сакаат љубов. Ниту едно не лае, се галат, се гледа дека се навикнати на луѓе.

Исто е и внатре. Стотината кафези се полупразни, во моментов во „Вардариште“ има четириесетина кучиња. Најголемиот дел чекаат да заздрават од операцијата за стерилизација и да се вратат на улица. Има и неколку мајки со малечки, тука се повеќе од еден месец, додека цицаат малите и додека да се оспособат за да им се бара дом. Во еден кафез има и сами малечки.

„Не се знае каде се мајките, ни ги оставија во кутија пред врата“, велат вработените во „Вардариште“. Ни покажуваат и други млади кои ги донел некој човек откако ги нашол фрлени на автопат. Осудени да умрат, или под тркалата на автомобилите или од глад.

„Ќе останат тука додека не пораснат малку, ако ги вдоми некој, ќе биде одлично“, ни објаснуваат, додека бркаат едно малечко, рунтаво, што сака да истражува наоколу. Сепак, посочуваат, мора на секој сопственик да му се стави јасно до знаење дека чувањето куче е доживотна обврска, да се храни, да се лекува, да се негува и никако да не се напушта.

Додека ни ги покажуваат кафезите и ни објаснуваат за секое животно поединечно, групата кучиња што нè дочека пред врата со мавтање на опашките се вртка околу нив. Се гледа дека се стари другари, ние веќе не сме интересни. Јасно е дека се познаваат и со жителите на кафезите. Повеќето се многу мирни бидејќи се оперирани, но дел се многу љубопитни, сакаат да се поздрават, се радуваат на вработените, но и на нас.

„Дневно доаѓаат по 4-5 нови заловени животни, приближно по толку и си одат. Некогаш во стационарот има вкупно по десетина животни, некогаш по 80. Минатата година 1.444 кучиња биле заловени, а медицински третман добиле 1.055. Од нив 159 биле вдомени, што е многу малку. Другите се вратени на улица, а 268 биле еутаназирани бидејќи биле болни или агресивни“, велат во „Комунална хигиена“.

Условите во кои живеат се посебна приказна. Не се многу поразлични од оние на улица, боксовите се бетонски, има дрвени палети, на секоја втора по некое ќебенце. Сè на сè, не изгледа ниту убаво, ниту удобно, но за волја на вистината, беше чисто и топло. Радијаторите работат, а вработените велат дека неколкупати дневно ги проветруваат просториите. Има уште многу простор за да се подобрува, да се внесе повеќе светлина, да се хуманизира.

Сепак, најдобро од сè е да им се најде дом на сите. Да не мора да седат ниту ден повеќе во „Вардариште“. А тоа зависи само од нас и од тоа колку сме подготвени да бидеме хумани. Стационарот е отворен од вторник до сабота, од 9 до 13 часот. Кучето може да се земе веднаш откако ќе се пополни формуларот за одговорно сопствеништво.

Сања Наумовска