Најдоцна следната недела Собранието повторно ќе гласа за договорот за името


Во Собранието на Република Македонија денеска е доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Претседателот на Собранието Талат Џафери сега во рок од 30 дена од изгласувањето на законот за ратификација на договорот треба да го стави повторно на гласање на пленарна седница.

Според иформации на МИА од Собранието, откако Џафери ќе ја разгледа одлуката што ја испратил Иванов и според планираните активности во Парламентот и на пратениците ќе ја закаже седницата. Сепак, се најавува дека тоа ќе се случи до крајот на оваа или следната недела и дека претседателот на Собранието нема да го чека крајниот рок односно 20 јули.

Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и 40 „против“, а истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.

Сега повторно се на потег пратениците. За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно апсолутно мнозинство односно 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише Указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе го примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците.