Началникот заврши во Шутка: Пи-ар на власта или спроведување на правдата?


На 13 ноември, дента кога поранешниот премиер Никола Груевски објави дека избегал во Будимпешта, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева пред македонската јавност тврдеше дека нема причина да бара притвор за неговиот братучед Сашо Мијалков.

„Има веќе мерки за Сашо Мијалков и тој ги почитува, како што ги почитуваше и Никола Груевски, се појавува на суд и сметавме дека е доволно. Сега веќе ќе се прават други проценки, но мислам дека за Сашо Мијалков нема да се бара притвор“, изјави Јанева непосредно по бегството на Груевски.

Неколку часа откако Груевски објави дека веќе добил политички азил во Унгарија, СЈО побара, а судијката Џанета Бегтовиќ одлучи да му определи притвор на Мијалков, како обвинет за клучниот предмет на СЈО, „Тврдина – Таргет“ за масовното прислушување. Во решението за притвор било наведено дека има оперативни информации дека Мијалков преземал дејствија и активности кои укажувале на опасност од бегство.

СЈО навело и допис од Управата за финансиско разузнавање дека Мијалков поседувал 11 милиони евра на две сметки кои биле на име на друго правно и физичко лице, но имало сознанија дека биле негови.

Нема официјално објаснување зошто Специјалното јавно обвинителство одлучило токму сега да бара притвор за Мијалков, иако јавноста изминативе години знаеше дека поранешниот шеф на УБК има бизниси и имот во странство, поточно во Чешка.

Тој е обвинет и во најновата истрага што ја отвори Специјалното јавно обвинителство „Империја“, но и покрај неговите бизнис-релации со најбогатиот Македонец, Орце Камчев, кој заврши во Шутка вечерта кога требаше да биде донесен Груевски, Специјалното јавно обвинителство не побара притвор за него. Според доказите во овој предмет, обвинетите во „Империја“ го оштетиле буџетот за над 6 милиони евра и испрале над 10 милиони евра.

Она што официјално се знае е дека Специјалното јавно обвинителство вчера побарало притвор, а судијката Бегтовиќ која го води предметот „Таргет – Тврдина“ му одреди триесетдневен притвор на Мијалков поради опасност од бегство.

„Притвор може да се определи против лице за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело, ако се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство“, се вели во членот на Законот за кривична постапка според кој му е определен притворот.

Мијалков вчера не беше спроведен од затворот во Шутка во суд и рочиштето за масовното прислушување се одложи. Судијката не издала наредба за тоа поради краткиот временски период за доставување барање за спровод. Но побара за следното рочиште, кое е закажано за на 4 декември, Мијалков да биде спроведен од затворот во суд.

Адвокатскиот тим на Мијалков најави дека ќе поднесе жалба на решението за притвор. Адвокатот Антонио Апостолски тврди дека судот постапил незаконски при определувањето притвор бидејќи не го известил и не го сослушал.

Поранешниот шеф на тајната полиција беше приведен завчеравечерта околу осум часот во неговиот хотел „Мериот“ во центарот на Скопје. Досега во јавноста не излезе видеоснимка од неговото апсење ниту од неговото спроведување во Шутка. Од управата на затворот велат дека Мијалков бил сместен во обична ќелија со други притвореници и дека имал ист третман како и другите затвореници.

Овој потег на СЈО доаѓа откако во јавноста се создаде впечаток дека двајцата обвинети, главните обвинети за криминалот и корупцијата што се случуваше изминативе години, ќе се извлечат и нема да одговараат.

Сепак, има дилема дали ова е конечно будење на институциите, спроведување на правдата и исполнување на ветувањето на СЈО дека во Македонија никој не е „недопирлив“ или притворот за Мијалков е дел од пиарот на Владата.

Професорот Здравко Савески, кој е дел од раководните структури на партијата Левица, толкува дека со ова власта се обидува да го намали јавниот гнев поради бегството на Груевски.

„Неговото притворање не е доволно. Власта мора да понесе одговорност заради бегството на Груевски. Министерот за внатрешни работи мора да поднесе оставка, поради политички и морални причини, а санкционирање мора да има и против оние лица во МВР, обвинителството и судството што преку колективно спиење го овозможија бегството на Груевски“, вели Савески.

Сепак, факт е дека притворањето на високи функционери од минатата власт почна по бегството Груевски. Веднаш по неговото бегство во притвор завршија поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. За нив СЈО објави дека планирале да бегаат исто како нивниот шеф.

Поранешниот шеф на тајната полиција е петтобвинет за масовното прислушување и за уништувањето на опремата, случај поради кој беше формирано СЈО.

Фросина Факова-Серафиновиќ