НАТО: Членството ви е на маса


Брисел – Голем чекор за Македонија, беше коментарот во НАТО за одлуката на лидерите на земјите членки да ја поканат Македонија да почне пристапни разговори и да стане 30. членка на алијансата. Во НАТО се уверени дека во земјата ќе се сфати значењето на одлуката и дека граѓаните на Македонија ќе ја дочекаат и прифатат како можност за посветла иднина на земјата.

Во заклучокот усвоен на самитот стои дека лидерите на НАТО го поздравуваат историскиот договор меѓу Атина и Скопје за решавање на прашањето за името и во согласност со политиката на алијансата одлучиле „да ја поканат владата во поранешната југословенска Република Македонија“ да ги почне пристапните разговори за приклучување.

„Целосна имплементација на сите внатрешни процедури со почитување на договорот за решавање на името е услов за успешно завршување на пристапниот процес“, порачаа лидерите. Натаму тие го пофалија Договорот за пријателство со Бугарија и ги поздравија напорите на новата влада во изминатава година за прогрес во многу ургентни реформи. НАТО исто така ги забележува и континуираните напори за изградба на мултиетничко општество во согласност со Охридскиот договор.

„Ние ги повикуваме сите политички лидери во земјата да играат конструктивна улога во овие процеси и во брза имплементација на договорот за решавање на името“, порачуваат од НАТО.

Висок функционер на алијансата соопшти дека се очекува Македонија до јануари да ги заврши пристапните разговори и да почне ратификацијата на пристапниот протокол.

„НАТО нема што да каже за референдумот и само посакува да биде успешен и договорот со Грција имплементиран. Ако владата во Скопје мисли дека ѝ треба, ѝ посакуваме успех. Ова е голема можност за земјата – членството ви е на маса“, порача висок функционер на алијансата. Според него, претпристапните разговори се крајната фаза до членство и затоа се викаат разговори, а не преговори. Во нив нема ништо изненадувачко, нагласи тој, бидејќи се договараат практични работи, како бројот на луѓе во нашата мисија, буџетот, но и реформите – политички и одбранбени кои, како што рече, веќе се содржани во планот „3-6-9“ на Македонија. Македонија ќе биде обврзана на крајот на пристапните разговори да даде план за натамошни реформи, што не е ексклузивна обврска само за нас и конечно да потврди дали сака членство, што, исто така, е вообичаена практика.

Околу дилемата дека е можно претседателот на САД, како и на самитот на Групата седум во Канада, да не ги потпише завршните заклучоци, во кои е и тој за Македонија, во НАТО не се многу возбудени и не гледаат пречка. Според друг функционер на НАТО, одлуката за Македонија може да се менаџира и да се случи ваков исход, иако не беше веројатно. САД, нагласи тој, се трудеа многу околу Македонија и поканата така што не би се загрижил воопшто.

Ваквите дилеми беа резултат на ехото од средбата на генералниот секретар Јенс Столтенберг со американскиот претседател Доналд Трамп, кој наспроти практиката на НАТО, со себе донел новинари и камери така што цел свет виде како го искара НАТО, а пред сѐ Германија, што не одвојуваат доволно за одбранбени цели, па САД мораат воено да ги штитат. Практично, поголема вест од Македонија на самитот беа милијардите што ги споменуваа или бараа сите како средства потрошени за воен буџет.

Во НАТО немаше реакција на протерувањето на руските дипломати од страна на Грција, освен што беше нагласено дека алијансата „не е во бизнис на убедување или притискање на други земји да станат членки на НАТО“ и ги почитува позициите на тие што не го сакаат тоа.

„Денеска е историски ден за Македонија, ден во кој можеме да го поправиме она што го испуштивме во 2008 година. Мислам дека дури и на денешните дискусии на министерско ниво за надворешни работи и одбрана и на премиерско ниво, стана јасно дека една од недвосмислено најпозитивните одлуки на овој самит ќе биде поканата за Македонија“, беше реакцијата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Денеска сите ја искористија можноста да ѝ честитаат на Македонија за огромниот пробив. Целиот аудиториум нѐ награди со аплауз, зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија и важен за НАТО. Се покажа дека шансата за членство функционира, дека отворената врата е навистина отворена и дека ако знаете што сакате и треба да направите, можете да успеете“, рече министерката за одбрана. Таа потсети колку многу ја чинеа државата и граѓаните испуштената шанса во 2008 година и дека таа грешка ќе биде поправена денес. Министерката беше уверена дека референдумот во Македонија ќе биде успешен.

За утре е предвидена церемонија на која генералниот секретар Столтенберг на премиерот Зоран Заев ќе му го даде писмото со поканата, претходно потпишана од него. Церемонијата ќе се случи по состанокот со партнерите во мисијата во Авганистан, меѓу кои е и Македонија.

Слободанка Јовановска

наш специјален известувач