Музејот на раскинати врски во Скопје: Донирајте и вие парче од несреќна љубов


Музејот на раскинати врски по 11 години повторно ќе гостува во Македонија во рамките на одбележувањето на Денот на уметноста, кој по седми пат го организира Младинскиот културен центар. На настанот ќе има повеќе активности од областа на културата и сето тоа под препознатливиот наслов „Роденден“ ќе се одржи на 17 јануари.

Музејот на раскинати врски го создале Олинка Виштица и Дражен Грубишиќ од Хрватска, кои откако ја прекинале својата љубовна врска решиле да ги изложат оние предмети што ги потсетуваат на нивното заедничко минато. Музејот на раскинати врски изобилува со меморабилии од прекинати релации, кои се од најразличен карактер. Од писма, плишани мечиња, суви цвеќиња, облека, до велосипед, кој бил подарок од поранешниот партнер, пенкало со кое се напишани најромантичните писма, до малечка секира со која се демолирал мебелот на поранешниот љубовник.
На еден креативен начин обединува приказни за кои можеби првиот впечаток би бил дека се тажни, но некои од објаснувањата покрај самите објекти слатко ќе ве насмеат.


Овој уникатен уметнички концепт првично има за цел да ја ослободи енергијата, која ја носат разните предмети поврзани со некаков прекин, крај, но и истите тие предмети да ги конзервира во едно заедничко место, таканаречен мавзолеј на скршените срца.
„Колекцијата на Музејот веќе ја имаат видено илјадници луѓе низ светот, а благодарение на тоа, Музејот доби свои простори со редовни поставки во Загреб и во Лос Анџелес. Порталот http://www.travelnerd.com го вброи меѓу 10-те светски најчудни музеи, а во 2011 Музејот ја доби и наградата ‘Кенет Хадсон’ за најиновативен музеј во Европа“, информираат од МКЦ.
Сите разочарани од поранешните партнери кои зачувале предмет како спомен може да го донираат во Музејот и на еден креативен начин да се ослободат од оние предмети, кои кога ќе ги погледнете, ви ги враќаат пеперутките во стомакот, или ви предизвикуваат печење во пределот на срцето.
„Предметите може да се донираат анонимно, со краток придружен текст до 14 јануари, а за повеќе детали пишете ни на [email protected]“, велат од МКЦ.
Изложбата на Музејот на раскинати врски во МКЦ ќе се отвори во 20 часот, а посетителите ќе имаат можност да ја погледнат до 31 јануари.

Девет часа прославување на „Роденден“
На 17 јануари со почеток во 18 часот во Младинскиот културен центар по седми пат ќе се одржи „Роденден“ за прославување на Денот на уметноста. Во рамките на настанот ќе се реализираат изложби, промоција на книга, поетски перформанс, концерти, филмска ревија и многу награди. Програмата ќе стартува во 18 часот со бесплатен филмски маратон на љубовни филмови во Џебно кино. Ќе бидат прикажани: „Викај ме со твоето име“ во режија на Лука Гвадањино, „Песна за песната“ во режија на Теренс Малик, „Изгубени во преводот“ на Софија Копола и „Казабланка“ во режија на Мајкл Куртиз. Во истиот термин ќе се отвори изложбата на спектакуларни фигури од пластелин, изработени од деветгодишниот гениј Максим Цветановски и работилницата за деца раководена од Доротеј Нешовски. Од 20:30 часот во кино „Фросина“ ќе се промовира книгата „Радио“ на новинарот Љупчо Јолевски. Книгата брои повеќе од 700 страници, а ги интегрира во најголем дел интервјуата што авторот ги остварил со врвни имиња од македонската културна сцена во последните пет години направени за Радио Слободна Европа.
Книгата е поделена на неколку целини како музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија. Преку информациите, најавите, разговорите, интервјуата, рецензиите, освртите, Јолески се обидува да понуди свое видување на македонската култура.
Во 21:30 часот ќе стартува музичката програма со домашните Матеј Фолтц, „Плутос Даутс“, „Џун“ и „Игралом“ од Србија. Половина час подоцна во 22 часот, во горното фоаје ќе се одржи поетски перформанс насловен „Песнило“.
Еден час пред полноќ, во бифето ќе започне слатко-горчливата сонична романса со диџеј парот Виолета Качакова и Мирко Попов. Нивниот настап ќе финишира околу 3 часот по полноќ.