Седат Сулејмани седна на министерската фотелја, што го чека?


Откако завчера во Собранието беше изгласана владината реконструкција, од вчера Седат Сулејмани седна на новата позиција како министер за  култура и туризам на местото на Зоран Љутков кој беше две години на оваа функција.
 
 
Оваа одлука беше донесена во рамките на реконструкцијата на Владата, каде Сулејмани, кој доаѓа од редовите на коалицијата Вреди, ја презеде функцијата откако претходно служеше како заменик-министер во истиот ресор.
Во Министерството за култура се изврши примопредавање на функцијата . 
“Му го честитам преземањето на оваа одговорна должност на мојот досегашен соработник, заменик-министерот Седат Сулејмани, кој сега ја извршува функцијата министер за култура и туризам. Му посакувам успешен мандат, мудри одлуки и многу успех во работата. Нему и на целиот тим им посакувам истрајност и резултати што ќе придонесат за понатамошен напредок на македонската култура и туризам“, сподели Љутков на својот ФБ пост.
 
 

Новиот министер седеше во првиот ред во партерот, заедно со политичкиот врв и дипломатите, на отварањето на 66. Охридско лето, во неделата вечер, во Античкиот театар, а денеска во Собранието, се обрати на албански јазик, на пратеничко прашање.

Кој е Седат Сулејмани? 

Во периодот од 2024 до 2026 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за култура и туризам, а истата функција ја извршуваше и во периодот од 2020 до 2021 година.

Во текот на 2023 година бил советник за стручна и административна поддршка на Општинскиот инспекторат во Општина Тетово. Претходно, од 2017 до 2019 година работел како менаџер во ISEM во Бурса, Турција.

Од 2012 до 2017 година бил сопственик на „LOST Treasure“ во Тетово, а од 2010 до 2012 година сопственик на „ШАР Продукција“ во Тетово. Од 2006 до 2010 година бил директор на „АРДИ-ИНГ“ – Тетово, додека од 2003 до 2006 година работел како администратор во „SHARR-ING“ – Тетово.

Сулејмани има диплома за социолошки науки по педагошка теологија од Универзитетот „Улудаг“ во Бурса, Турција. 

 

МСУ, Филхармонија, Национална галерија

 

Коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) лани ги презеде раководните позиции во Македонската филхармонија, Националната галерија и во Музејот на современата уметност. 

Македонска филхармонија

Директор: Мустафа Имери, назначен во март 2025 година.
Детали: Тој е првиот Албанец на чело на оваа установа.

Национална галерија

Директор: Д-р Али Синани, назначен во јули 2025 година.
Детали: Тој е сликар од Гостивар.

Музеј на современата уметност (МСУ)

Директор: Авни Ќаили, назначен во декември 2025 година.
Детали: Тој е новинар и композитор.Тој стана првиот Албанец кој ја презема оваа функција, а доаѓа на местото на претходниот вршител на должноста Тихомир Топузовски.

 

Што го чека Сулејмани на жешкото столче како министер за култура?

Новиот министер ја презема функцијата во период кога Министерството има неколку големи предизвици и започнати процеси.

Една од најчуствителните прашања е односот со Синдикатот на културата (СКРМ) кој бараше да се зачува и целосно да се испочитува Колективниот договор, додека претходното раководство сметаше дека се потребни измени поради правни и буџетски причини. Синдикатот инсистираше и на редовна исплата и почитување на сите права што произлегуваат од Колективниот договор. Иако беа обновени разговорите меѓу Министерството, СКРМ и СОНК, синдикатот оцени дека тие одат тешко и дека не прифаќа наметнати прашања. СКРМ покрена постапка пред Меѓународната организација на трудот (МОТ) тврдејќи дека има повреди на правото на колективно договарање.

За Сулејмани ова ќе биде еден од првите тестови како министер. Од него ќе се очекува да воспостави конструктивен дијалог со синдикатите и да најде решение што ќе биде прифатливо и за вработените во културата и за државниот буџет.

Проектот „Скопје- Европска престолнина на културата 2028“ ќе биде една од најголемите обврски на новиот министер, иако главен носител е Град Скопје преку независното тело „Скопје 2028“. Министерството има важна улога  во финансирањето, координацијата и исполнувањето на обврските кон Европската комисија. 

Кој е во Координативното тело за Скопје европска престолнина на културата 2028? 

И реконструкцијата на Универзална сала, како носител на проектот „Скопје- Европска престолнина на културата 2028“ , ќе биде меѓу најважните прашања што ќе го чекаат Сулејмани.

Фото: Б. Грданоски

По префрлањето на надлежностите меѓу Град Скопје и државата, Министерството за култура ја презеде реализацијата на проектот. Во мандатот на Љутков беа продолжени градежните активности  и беа обезбедени средства за реконструкцијата, но објектот никако да мрдне од мртва точка. Проектот ќе биде еден од највидливите показатели за успешноста на неговиот мандат. Секое ново одложување ќе значи и пролонгирање на проектите  сврзани околу Скопје како европска престолнина на културата, а со тоа ќе биде предмет на големо внимание од јавноста и културната фела.