„Држи се за мене”, најдобар медитерански филм на петтото издание на фестивалот „Преку езерото”


Кипарскиот филм „Држи се за мене” кој го отвори годинешното петто издание на Фестивалот за балкански и медитерански филм „Преку езерото” ја доби гран при наградата за најдобар филм на Медитеранот. Одлуката на вечерашното свечено затворање на фестивалот ја соопшти меѓународното жири составено од тројца членови – Мирослав Митиќ, српски сценарист, продуцент и режисер, Елеонора Венинова, сценарист и режисер и Емили Ришел, француска филмска програмерка.

Преку снимен видео повик, режисерката на „Држи се за мене”, Мирсини Аристиду се заблагодари за наградата, за која, како што кажа, и е многу мило и многу и значи што филмот бил погледнат во Македонија. 

Наградата за најдобар режисер на Медитеранот ја понесе српскиот режисер Александар Радивојевиќ за „Кармадона”, а жирито истакна дека го наградува за храбра и оригинална режисерска визија. Посебно беше издвоена и режисерската двојка, Елена Кате и Бруно Форцани за филмот „Одразот во мртвиот дијамант” за извонредни достигнувања во режирањето. 

На свеченото доделување, за најдобар актер и актерка на Медитеранот беа прогласени бугарската актерка Пламена Гетова и гостинот на Фестивалот од Белгија, Јаник Рение.

 

За извонредно креативно филмско достигнување под специјални услови за работа, односно во период на војна жирито му оддаде признание на иранскиот филм „Коцкар”, а наградата за најдобра кинематографија ја зема кинематографот Душан Кардалевски, за филмот „Кома” на  режисерот Агим Абдула.  Наградата за најдобра музика се додели на Ѓорѓе Миљеновиќ за филмот „Кармадона”, а за најдобар краток филм беше прогласен „Антигона”.