МО: Година на реформи во одбраната и покана за членство во НАТО


Успешно завршени пристапни разговори за членство во НАТО на што претходеше покана од Брисел, со образложение дека реформите во одбраната на Македонија се спроведуваат според планот, е еден од поголемите историски чекори што нашата земја ги презеде во 2018 година. На Македонија во јуни ѝ беше покажано местото каде ќе стои нашето знаме како 30 членка на Алијансата.

Во годината што измина покрај загарантираното место на сојузничката маса, Министерството за одбрана го посетија и дадоа поддршка светски политички авторитети, меѓу кои американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во Пентагон, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг…

На средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Матис ја поздрави одлучноста на Македонија да ги преземе обврските како партнер на НАТО со испраќањето војници во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, придонесот кон коалицијата за пораз на ИСИС, како и решителната одлука да се издвојуваат два отсто од БДП за одбраната.

Министерката на Матис му порача дека Македонија докажа дека е посветена и сигурен партнер и дека наша цел е да бидеме и таков сојузник. Со влезот на Македонија во НАТО, додаде министерката, ќе му се помогне на регионот во градењето долготрајна стабилност и ќе ги зголеми влијанието и подготвеноста на САД и НАТО.

По повеќе од една декада генерален секретар на НАТО ја посети Македонија, и тоа два пати во иста година. За прв пат во нашата историја во една година имавме билатерални средби со министрите за одбрана на Франција, на Германија, на Италија.

2018 година ја обележа и покачувањето на буџетот и на платите за припадниците на АРМ, приемот на 375 нови професионални војници, усвојувањето и имплементацијата на значајни стратегиски документи, опремувањето на припадниците на АРМ, отвореноста кон јавноста…

По долги години се решија проблемите со униформи и чизми на припадниците на Армијата на Република Македонија. Министерството за одбрана обезбеди чизми за сите припадници на Армијата, а потпиша договор за 14.000 униформи.

Во рок од шест месеци од јули до декември во три класи од 120, 125 и 130 војници македонската армија ја намали просечната возраст за цели три години со приемот на новите 375 професионални војници.

Во обраќањето на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на промоцијата на третата класа нови војници им порача дека ќе имаат многу предизвици, но им нагласи дека нема да бидат сами и дека во секое време ќе ги имаат постарите колеги, целата армиска структура и Министерството за одбрана.

-Покажуваме дека Армијата навистина ја претставува Македонија во целост каква што е. Меѓу вас има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и Власи. На овој последен конкурс во целост се исполнети принципите и политиките на правична застапеност. Разноликост имаме и во поглед на полот. Од вкупно 375 професионални војници, 48 се девојки и жени. Треба да бидеме задоволни од овие храбри припадници на АРМ кои влегле во професија што сè уште многумина ја сметаат за машка, истакна Шекеринска.

Повеќе пари за Армијата, за реформи во одбранбениот сектор во пресрет на членството во НАТО, министерката Шекеринска најави во ноември, кога го презентираше Буџетот за 2019 година.

Буџетот за одбраната во 2019 ќе изнесува 8,3 милијарди денари. Тоа е зголемување за 0,24 проценти од БДП, а во однос на ребалансираниот буџет за 2018, зголемувањето е за 33,36 проценти. Согласно заложбите што беа поставени за постепено зголемување на буџетот во одбраната до два отсто од БДП, што е согласно стандардите на НАТО, буџетот оваа година ќе достигне ниво од 1,19 процент од БДП.

Приоритети на буџетот во одбранбениот сектор ќе бидат квалитативно зајакнување на персоналот, опремување на АРМ согласно НАТО-стандардите и подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата.

Предвидено е зголемување на платите на вработените во АРМ и Министерството за одбрана. Во 2018 година имаше десетпроцентно зголемување на платите на вработените во Армијата, кое се реализира од 1 јануари, а од септември оваа година е предвидено петпроцентно покачување на платите и за вработените во АРМ и за вработените во Министерството за одбрана. Од вкупната сума на буџетот, 3.969.000.000 денари се наменети за плати и надоместоци.

За прв пат по пет години на ниво на министер беа посетени македонските мировници во Кабул кои учествува во мировната мисија на НАТО „Одлучна поддршка“. Министерката за одбрана Радмила Шекеринска беше пречекана на аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул од командатот на македонскиот контингент, полковник Кенан Рахиќ.

Македонскиот контингент има 49 припадници, а Шекеринска беше пречекана од дванаесеттемина офицери и еден подофицер, од кои четири припаднички на АРМ во Командата за обука, советување и асистенција – Главен град (КОСА-ГГ), која дејствува во рамки на аеродромот, како и од деветтемина припадници на контингент од КОСА – Север, кои од Мазар-е-Шариф дојдоа тука за пречекот на министерката.

Шекеринска во КОСА-ГГ се сретна со нејзиниот командант турскиот бригаден генерал Јашар Дилбер, со командантот на аеродромот, бригадниот генерал Хусеин Канбур, а ја посети и Централната команда на „Одлучна поддршка“, каде што има 27 припадници на АРМ, тројца на штабни должности и 24 во рамки на единицата за заштита на силите.

Македонија во НАТО-мисијата „Одлучна поддршка“ се приклучи од нејзиниот почеток, 1 јануари 2015 година. „Одлучна поддршка“ е неборбена НАТО-мисија посветена на обука, советување и помош на авганистанските национални сили за одбрана и безбедност. Таа беше лансирана по завршувањето на претходната НАТО-мисија во Авганистан, ИСАФ.(МИА)

Фото: Б. Грданоски