МНР: Русија сака да ги искомпромитира уставните измени


Министерството за надворешни работи на Македонија категорично ги отфрла наводите и квалификациите изнесени во коментарот на Департманот за информирање на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација од 22 октомври 2018 година, во врска со изгласување на предлогот за пристапување кон измени на Уставот.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги смета наводите во коментарот како целосно неосновани и невистинити, изнесени со јасна тенденција да се компромитира политичкиот процес од историско значење за Република Македонија и за сите нејзини граѓани. Пратениците во Собранието на Република Македонија, со целосно почитување на сите демократски принципи и предвидената парламентарна процедура, донесоа одлука која ги рефлектира децениските заложби на Република Македонија за членство во НАТО и во Европската унија, како стратешки приоритети за кои постои најширок можен општествен консензус, а што добро им е познато и на нашите руски пријатели.

Министерството за надворешни работи потенцира дека, останувајќи посветена на евро-атлантската интеграција, Република Македонија и во иднина ќе се залага за развивање и унапредување на односите и со Руската Федерација, врз основа на традицоналното пријателство на нашите народи, како и меѓусебното почитување и уважување на правото на самостоен и слободен избор на сопствената иднина.