Мијалков се плашел дека го прислушуваат во странство


Раскараните сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ не зборуваат ниту во судница, но таму уште се слушаат „бомбите“ во кои договараат како да ги добијат локалните избори во 2013 година во општина Центар. Обвинетите во случајот „Титаник“ не разговараат меѓу себе на паузите, а особено очигледно е одбегнувањето на своите сопартијци од страна на поранешниот шеф за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Вчерашното рочиште почна со разговори кои поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ ги воделе по првиот круг на локалните избори во 2013 година, кога нивниот кандидат Владимир Тодоровиќ изгуби од ривалот Андреј Жерновски. И во овие разговори главната улога во правењето списоци за гласање ја има поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанкиески, кој по секоја цена бара луѓе да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ во Центар. Јанакиески ревносно врти телефони по институции и луѓе за да се направи „списоче“ и да се обезбедат што повеќе гласачи.
Додека тој прави списоци, Влатко Мијалков, братот на поранешниот директор на УБК, му предлага полесен систем за собирање на гласачи, директорите во секоја државна институција да им наредат на вработените да обезбедат список со луѓе што ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Сашо Мијалков користи други методи, „Јас Шиптариве ги запнав, ми дадоа збор, Циганиве ги запнав, навивачиве да ги викнам, другото е неконвенционален дел. Со тоа да гласаат за нас, видовме колку гласаа“, вели Мијалков.

Тој се сретнал со Мендух Тачи од ДПА и со Адеми (не се споменува името) од ДУИ и со нив договорил оперативци да носат гласачи со автомобили до гласачките места. Од „Македонски телеком“, тогашниот директор Жарко Луковски испратил список со 2.000 луѓе да гласаат во Центар, а списоци испраќале и од приватни фирми, од „Зегин“ на Благоја Механџиски, од „Кадис“ на Златко Калеников и од „Макстил“ на Минчо Јорданов. Шеф на аналитичкиот штаб за Општина Центар бил тогашниот директор на ЈСП и сегашен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Тој на

Јанакиески во телефонските разговори му се обраќа со „шефе“
Јанакиески бара од сегашната исклучена пратеничка, а поранешна министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска да ги притисне и уметниците што претходно зеле пари од државата и да агитира меѓу сите што се вклучени во културата и би можеле да гласаат во Центар. Канческа-Милевска ги споменува Драмскиот театар, МНТ, но и директорот на Скопскиот џез-фестивал, Оливер Белопета, со кого вели дека ќе разговара и лично ако треба. Поранешниот министер за транспорт и врски агитира и кај продуцентот Иво Јанкоски. „Се чудам зошто гласаат за Жерновски“, вели Јанкоски. Пратеничката Даниела Рангелова, која сега јавно се залага за проевропска ВМРО-ДПМНЕ и една од обвинетите за „Шлаканиците во Општина Центар“, во 2013 година, како советничка во оваа општина, му се јавува на Јанакиески и изнервирана му вели: „Во Центар ништо не се работи. Јас кога ви кажував, вие ми велевте ‘Дани ти си негативна’“. Рангелова продолжува да го напаѓа Тодоровиќ и вели дека во општина кај него биле сите комуњари и славеле. „Три години се спиеше, последнава година се поработи. Е, народот казнува“, му вели Рангелова на Јанакиески.
Поранешниот министер на Мијалков му предлага да испрати некој да ги отвори црните кеси ставени во депо во Општина Центар, без никој да забележи, да се види избирачкиот материјал за да се утврди кој гласал, а кој не гласал, а потоа да одат од врата на врата. Рангелова, која дознала дека некои од вработените не гласале за ВМРО-ДПМНЕ, му се јавува на Јанакиески и му вели „Оваа ми тврди дека гласала, плаче… ќе ја запалам, ќе и е.ам матер“, пцуе Рангелова.
Во еден од разговорите, Мијалков зборува претпазливо, бидејќи е надвор од државата, и вели „Сега сум на туѓа мрежа, да не зборувам многу оти не знам кој ме слуша“.
Јанакиески и Јанкулоска се функционери кои биле најмногу прислушувани за време на владеењето на нивната партија. Во разговорите што беа вчера пуштени се слушаа и разговори на Јанкулоска со извесен Виктор од Куманово кој требало да прави притисок да се соберат повеќе гласови за ВМРО-ДПМНЕ во Куманово. Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и ексначалникот на крим-техника на СВР-Скопје, Горанчо Савевски, кој сè уште е на функција во МВР, прислушувал граѓани од Куманово на кои Јанкулоска им дала задача да собираат гласови за ВМРО-ДПМНЕ. Тој ѝ ги пренесува сите нивни активности на Јанкулоска бидејќи се сомневаат дека работат за нив.
За денот на вториот круг од гласањето на изборите се пресметувале и се распоредувале „верни, политички чисти“ полицајци. Сепак, и покрај овие притисоци и агитации по неколку изборни круга, ВМРО-ДПМНЕ изгуби на локалните избори во Општина Центар и за градоначалник беше избран Жерновски.
„Титаник“ е еден од најобемните предмети на Специјалното јавно обвинителство и се однесува на изборните нерегуларности. Во овој случај му се суди на речиси целото поранешно раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Фросина Факова – Сеарфиновиќ