Мицкоски бара да се обрати во Собранието


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара да му се дозволи се обрати во парламентот, дознава „Независен весник“. Според нашите информации, писменото барање е доставено до собраниските служби и се очекува одговор од претседателот Талат Џафери. Досега не се случило лидер на партија, кој не е пратеник, да зборува во законодавниот дом на Македонија.

„Почитувани, со оглед на фактот што во овие моменти во законодавниот дом се расправа за потребата од уставни измени кои имаат суштинско влијание, политичката криза во која влегува нашата земја како и значајноста која овој период ја има за иднината на Република Македонија, како и со оглед на сензитивниот момент, вниманието и контраверзите што ја предизвика оваа дебата во јавноста, ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија која е во опозиција, и чиј што претседател, Христијан Мицкоски не е пратеник, а со тоа е оневозможен пред народните преставници да ги изрази своите погледи и ставови кон ова чуствително прашање, испраќаме барање да се овозможи негово обраќање на тековната пленарна седница по однос на предложените уставни измени. Ова право го овозможува Деловникот за работа на Собранието, каде согласно член 72, став 2 од Деловникот овозможува претседателот на Собранието да ‘може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат и во работата да учествуваат претставници и на други органи и организации’“, се наведува во барањето од ВМРО-ДПМНЕ.

Во понеделникот претпладне кога почна седницата за уставни измени, премиерот Зоран Заев ги изненади политичките кругови со апелот за помирување меѓу политичките елити и амнестија за 27 април, а за возврат побара опозицијата да гласа за договорот со Грција.

Од ВМРО-ДПМНЕ го одбија предлогот со објаснување оти бараат правда, а не амнестија. Тие му посочија на Заев дека прво треба да им се извини на прогонетите, а потоа да биде формирано ново обвинителство, кое независно ќе ги води процесите.

Во меѓувреме, во Собранието продолжи расправата, која, според очекувањата, би требало да заврши в петок кога ќе се прејде на гласање. Од власта велат дека доколку не биде обезбедено двотретинско мнозинство, ќе се оди на брзи избори.

Горан Адамовски