Мини-анкета за процесот за името: Оптимизам за договор, скепса за предлозите


Се забележува волја кај двете страни за конечно затворање на проблемот со името. Потврда за тоа е евидентното засилување на процесот на преговори меѓу политичките лидерства на Македонија и на Грција. Тоа е генералниот заклучок на политичките набљудувачи и аналитичари што ги анкетираше вчера „Независен весник“ додека медијаторот на ОН, Метју Нимиц, престојуваше во Скопје, каде што допатува од Атина по срдечната средба во Давос меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Кај нашите соговорници, сепак, постои одредена резерва во однос на предлозите за можното ново име на земјата што доаѓаат од грчка стана, како тој „Република ГорнаМакедонија“ – споено и без превод на англиски јазик. Од друга страна, се посочува дека, веројатно, станува збор за повеќето можни опции што циркулираа во изминатите години, па и децении, од кои повеќето заминаа во „заборав“. Такви прашања, како што наведуваат соговорниците на „Независен весник“, не треба да нѐ забавуваат и да нѐ враќаат назад во овие моменти на интензивирање на процесот за надминување на долгогодишниот спор кој ги кочи интеграциските процеси на нашата земја.

 

Александар Кржаловски:
Сѐ уште сме далеку од омекнати ставови на Грција

„И кај грчката Влада се чувствува поголема активност и чинам искрена желба за решавање на спорот. Сепак, покрај релативно балансираните и воздржани изјави на Ципрас и Заев во Давос, загрижува ‘поплавата’ од разни изјави од грчка страна, кои мислам дека не помагаат кон решавањето на спорот, бидејќи ги зголемуваат очекувањата и провоцираат дополнителни реакции во јавноста и како што гледаме – нови протести“, оценува Александар Кржаловски, директор на МЦМС.
Не би рекол, вели тој, дека желбата за решавање на спорот е манифестирана и со омекнување на позициите на грчката Влада – напротив Ципрас ги повтори одамна познатите црвени линии: име со географска (сега проширено со можност за временска) одредница и ерга омнес употреба; додека министерот Коѕиас го дополни тоа со седум точки за кои би се разговарало -од името, преку симболите и кратенките, до јазикот и идентитетот.
„Јас не сум против тоа да се разговара за што било од овие теми, но за многу од овие работи нема што да се преговара! И ова се изјави на водечките двајца функционери за ова прашање во Грција, а доколку се земат предвид опозициските партии и другите актери далеку сме од атмосфера на омекнати ставови за спорот и прифаќање на постоечката македонска реалност во соседна Грција“, вели Кржаловски.
Тој, сепак, посочува дека очигледно има раздвиженост и раширен оптимизам за решавање на спорот, токму поврзано со НАТО самитот во Брисел, но предупредува сме биле многупати во слични ситуации, проценки, па и еуфории, а ништо не се случило.
„Ако има решеност од повисоко ниво, како што се чини дека има, и посветеност за активен придонес, пред сѐ од САД, Германија, Британија или ЕУ како целина и НАТО, тогаш би можело да се очекува дека ќе може да се постигне некаков договор, со фазна примена, на пример, некаков договор до април/јуни, прием на Македонија во НАТО во јули и почеток на преговорите за ЕУ членство до крајот на годинава, примена на мерки за доверба и ратификација на конечниот договор по референдум во Македонија во период од една до две години или слично. Ако се остави како досега само на двете држави, мислам дека до договор никогаш нема да се дојде. Јас сум обично оптимист, но мислам дека е прекратко времето до јули за сѐ што би требало да се направи“, оценува Кржаловски.
За предлозите околу можното ново име тој вели дека во нашата јавност веќе беше коментиран предлогот на Нимиц со пет имиња и дека ако е точно дека тоа бил предлогот тоа се главно неприфатливи опции.
„Другите идеи што доаѓаат од Грција, на пример, ‘ГорнаМакедонија’ се коментираат како бесмислени – и јас се согласувам. Но можеби е добро да има дури и што повеќе такви предлози, за дополнително да се демонстрира апсурдноста и бесмисленоста на спорот. Иако правото и правдата се на наша страна, јасно е дека силата е на страна на Грција и дека треба да сме подготвени на определен компромис. Не велам и дека нема простор за компромис, но ова што засега циркулира во јавноста (главно од грчка страна) сметам дека е далеку од тоа што би било прифатливо за мнозинството од граѓаните на Македонија“, нагласува Кржаловски.

Назми Малиќи:
Компромисот ќе им донесе бенефит и на двете страни

Универзитетскиот професор Назми Малиќи, исто така, верува дека ова е историски момент за надминување на долгогодишниот проблем меѓу Македонија и Грција. Двете земји, вели тој, мора да ги прифатат светските текови на соработка бидејќи, како што објаснува, тоа е во корист и на Македонија и на Грција.
„Македонија и Грција, како две балкански држави, не можат да бидат уникатен пример во глобални рамки, во негативна смисла на зборот. Двете земји мора да се приклучат кон глобалните процеси на помирување и на придвижување на соработката меѓу државите. Во таа насока е и интензивирањето на процесите и на преговорите за проблемот со името што се одвиваат во овој момент“, вели Малиќи. Оптимист сум, вели тој, дека ќе има договор и дека тоа ќе се случи во скоро време.
„Сите пораки и од двете страни, како и од посредниците вклучени во процесот, одат во таа насока дека е можно скоро решение. Тоа можеби ќе биде компромис од кој нема да бидат задоволни двете страни, ама, на крајот на краиштата, тоа ќе биде за доброто и за двете држави. Од тоа добива Грција, исто како и Македонија. Аргументите со кои настапуваат патриотите во наводници веќе немаат смисла. Сега мора да се прифати реториката на дипломатијата, за што, секако, ќе помогнат и посредниците во преговорите. Националистите треба да сфатат дека сите сме во иста вода, дека сите сме за оваа држава, а не само тие“, оценува Малиќи.
Тој смета дека „непристојните“ предлози што се појавуваат во меѓувреме не треба да нѐ попречат и да нѐ поместат во процесот што се одвива сѐ поинтензивно.
„Тоа се моментални предлози. Такви слични и различни имало многу низ годините, некои од нив веќе и сме ги заборавиле“, вели Малиќи.

Нано Ружин:
Историска шанса да се стави точка на спорот

„Уште пред средбата во Давос беше создадена поволна атмосфера меѓу двете страни, што особено дојде до израз за време на состанокот и потоа. Воспоставено е чувство на доверба меѓу премиерите Заев и Ципрас. Од она што го знам, Ципрас изразил жалење за пропуштените шанси во изминатите години, се согласил дека тоа треба да се надомести сега и покажал флексибилен став до конечното решение“, вели универзитетскиот професор и амбасадор Нано Ружин.
Тој смета дека во однос на националистичките тенденции во двете држави треба да се бара решение што нема да им нанесе поголеми штети на лидерствата на двете земји, иако негов впечаток е дека тие се подготвени да одат на решение, независно какви ќе бидат политичките консеквенции по нивниот рејтинг.
„Без разлика на разните техники и предлози што се споменуваат, јазикот останува како што го викаме, нема навлегување во идентитетски прашања и, што е најважно формулата што се користеше досега за надворешна употреба, се заменува со друга формула. Голем оптимист сум дека кога ќе се реши ова прашање, ќе се отворат разни фондови за Македонија. Нема логика да се каже дека Заев го продава името, бидејќи со симнувањето на тоа прашање од дневен ред ќе се постигне безбедносна и европска благосостојба за државата, а тоа се најбитните параметри“, вели Ружин.
Тој прогнозира дека е можен договор уште во почетокот на март, посочувајќи дека со брзо решение ќе се побијат адутите на националистите во двете земји.
Важно е тоа да биде што поскоро. Ако и не биде до самитот на НАТО во јули, нека биде веднаш потоа. Не верувам многу во случајности во политиката, ама сега сме сведоци на една историска коинциденција, односно двајца лидери кои се мошне слични морфолошки, ментално, идеолошки – и тоа е голема шанса сега да се стави точка на спорот, зашто не верувам дека ќе имаме уште една ваква шанса во наредните десет години“, вели Ружин.

Александра М. Митевска