Метју Палмер: Пратениците што гласаа направија вистинска и храбра одлука


Заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, по средбите денес во Македонија, оцени дека одлуката на осумте пратеници на опозицијата што гласаа за Преспанскиот договор била храбра и вистинска, иако била спротивна на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние ја почитуваме одлуката на оние осум пратеници кои гласаа за Преспанскиот договор во петокот. Таа беше  храбра одлука и тие ја направија иако постоеше ризик да платат за неа и да се соочат со последици. Таа одлука значеше ставање на интересите на земјата пред интересите на партијата.Во одреден момент од историјата политичарите и избраните лидери се соочуваат со ваков избор. Тие што гласаа за Преспанскиот договор во петокот  направија вистински избор. Ние во САД го почитуваме тоа бидејќи гласаа спротивно  на позициите на нивната партија“, порача Палмер. Тој потврди дека меѓу триесетината пратеници со кои остварил средба имало и од тие од опозицијата што гласаа, како и тоа дека овојпат немал средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов бидејќи како што објасни, ги знаел нивните позиции.

„Ја разбирам позицијата на Мицкоски и тој ја разбира нашата. Ако сте го прочитале отвореното писмо на Вес Мичел, тоа кажува се. Имаме различно гледање за тоа што е најдобро за Македонија  да оди напред. Тоа е добро разбрано и од него и од неговата партија. Ние веруваме дека Преспанскиот договор е најдобриот и единствениот можен начин  за тоа“, рече Палмер додавајќи дека во САД биле разочарани што тој не го поддржа договорот, но очекувале да им дозволи на пратениците  да гласаат слободно  место да се плашат од  одмазда.

Околу тоа дали верува и натаму дека ВМРО-ДПМНЕ се проевропска и про НАТО партија, Палмер оцени дека тие самите веруваат во тоа, но она што го велат звучи апстрактно и теоретски. Верувам, рече тој, дека во принцип тие ја поддржуваат евроатлантската иднина на Македонија и  немам причина да се сомневам во тоа, но не гледа како мислат да се постигне тоа и кој е всушност нивниот план да се дојде до членство во НАТО и ЕУ.

Тој беше уверен дека договорот ќе помине во Грција, како и во тоа дека Русија не може да го спречи во Советот за безбедност на ОН бидејќи станува збор за билатерален договор меѓу две земји. Што се однесува до ставот на руската амбасада дека ќе продолжи да ја признава Македонија под уставното име, Палмер рече дека САД не ја разбираат одлуката и не ја коментираат.

„Не гледам улога за Русија тука. Не сум загрижен околу тоа“, рече Палмер , претходно лоцирајќи најдиректно негативно руско влијание пред референдумот , кое го оцени како неконструктивно, нетранспарентно и со цел да ја наруши социјалната кохезија во земјата.

Запрашан за иницијативата за помирувањето,  Палмер рече дека таа не е е исто што и амнестијата, дека може да биде во функција на обединување на општеството и дека  треба да е процес кој ќе дефинира како и што ќе произлезе од него, низ една поширока политичка и стручна дебата во јавноста.  САД, кои вложиле многу и за кои е од огромно значење владеењето на правото, очекуваат тоа помирување да не се  рефлектира врз владеењето на правото. Во тој контекст, Палмер денеска се сретнал со министерката за правда, со претставници на судската власт, на СЈО и на Обвинителство.

„Од она што го слушнав, премиерот зборува за помирување, што е различно од амнестија. Ќе има потреба од баланс меѓу помирувањето и одговорноста.Утврдувањето на тој баланс  е политички процес за кој ќе бидат одговорни политичките лидери во Македонија. Важно ќе биде тој процес да ги земе во предвид европските стандарди. Ако македонската аспирација е да почнат пристапни преговори со ЕУ, тој процес мора да содржи демонстрирана определба  за владеење на правото . Јас сум уверен дека тој баланс ќе биде постигнат. САД нема да кажат каков ќе биде тој баланс и како треба да изгледа тој процес“, рече Палмер посочувајќи на најавата за почнување на дијалог за помирување во Парламентот. Притоа забележа дека не е важно како тој гледа на амнестијата, а како на помирувањето туку како на тоа гледаат македонските граѓани, но додаде дека амнестија значи да му свртиш грб на минатото, додека помирувањето значи да го признаеш тоа што се случило и да трасираш пат напред кој ќе го интегрира споделеното разбирање на минатите настани.

Запрашан да даде дефиниција за 27 април, дали стануваше збор за тероризам или за обид за државен удар, Палмер одби да ги употреби тие два збора, со забелешка дека не е прикладно тој да дава таква оценка. Она што се случувало според него е силно вознмирувачко насилство од политичка природа околу кое е во тек судски процес.

Генерално двотретинското мнозинство околу уставните промени тој  го нарече  историски пресврт и додаде дека за него е чест и привилегија да биде тука во ваков историски момент, дотолку повеќе што посетата коинцидирала со овие настани и не била планирана.