Чадот од пожарот на Жеден се спушти до Скопје (видео)
Зачаденоста на Скопје доаѓа од пожарот на планината Жеден, во близинана селото Бојане, и од тетовска сега се префрла на скопска страна, потврди директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Тој со хеликоптер го надлета Водно и потврдува дека ништо не гори на планината до Скопје.
Пожарот е на тешко пристапен терен, соопшти попладнево Ангелов преку видео-порака.
Тој додаде дека како поддршка на скопските пожарникари, во гаснење на пожарот се вклучени и колеги од Тетово.
– Очекувам во попладневните часови да биде воспоставена контрола врз овој пожар, тежок за гасење – додаде Ангелов во изјавата.
Претходно објавивме дека, зачаденоста што попладнево е забележлива во Скопје е од ветерот кој го носи чадот од пожарот што гори на Китка во општините Студеничани и Зелениково, на кој денеска дејствувал хеликоптер на МВР, информираат од ЦУК.
До овој момент нема пријава за можен пожар на Водно, освен двата пожара на сува трева и ниско деградирана шума во Општина Илинден, велат од ЦУК.
Инаку, како што вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во текот на вчерашниот ден имало најмалку 33 пожари на отворен простор, а најкомплексен и најтежок за гаснење е пожарот што сега гори на планината Китка.
„Помеѓу нив имавме неколку исклучително тешки шумски пожари кои избувнаа среде борова шума. Таков беше пожарот што избувна во близина на границата со Бугарија, на територијата на општина Пехчево, во атарот на селото Црник. Тежок пожар за кој не очекував дека ќе биде изгаснат. Благодарение на извонредната координација на градоначалникот на Пехчево, со поддршка на три „ер трактори“ на ДЗС, овој пожар најпрвин беше ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат. Денес не дава знаци на горење – истакна Ангелов во попладневната изјава.
Тој додава дека наредниот тежок шумски пожар беше во атарот на селото Бигла, некаде на средина помеѓу Македонска Каменица и Делчево, и за кој, посочи, не очекувал дека ќе биде ставен под контрола.
-„ Благодарение на силната пожртвуваност на градоначалникот и сите екипи што ги повика на терен, со поддршка и на локалното население, овој пожар беше ставен под контрола и сè уште го држиме под контрола. Тој не дава знаци на ширење, понекаде чади само во изгорениот дел. Од страна на градоначалникот се ангажирани многубројни екипи, кои одат по линијата каде што прекинува горењето, за да не дојде до негово повторно реактивирање бидејќи подлогата е полна, можеби некаде и половина метар длабок слој од иглички од боровите, измешани со шишарки – барут суви, лесно запаливи. Воедно, на многу места има висока и барут сува трева – истакна Ангелов.
Тој посочи дека дождот кој вчера заврнал на неколку места во државата помогнал да биде изгаснат пожарот што се развиваше над село Сушица, над Коњаре, кој претходно почна на територијата на општина Куманово во атарот на селото Винце.
„Во овој момент имаме најмалку пет активни пожари. Најтежок, најкомплексен за гаснење е пожарот што сега гори на планината Китка, пожар кој во неколку наврати го стававме под целосна контрола, пожар кој во неколку наврати и целосно беше изгаснат, пожар на кој пред три дена му го зададовме конечниот удар затоа што еден цел ден немаше ниту траг од горење. За жал, некои злобници, луѓе коишто од користољубие или од одмазнички мотиви упорно го палат и повторно подметнаа долга линија којашто беше неможно да се изгаси брзо. Овие злобници коишто палат ваков пожар на вакво место треба да знаат дека со нивното поведение ризикуваат да убијат други луѓе, да ги убијат жителите на многубројните села околу и под Китка- посочи тој.
Апелираше до локалното население да внимаваат на некои луѓе коишто се наоѓаат помеѓу нив, бидејќи, како што рече, имаме индиции дека потпалувачите се токму од тој регион.
„Им порачувам на запалувачите дека сите државни служби работат на откривање на нивниот идентитет и порано или подоцна ќе бидат изнесени пред лицето на правдата, додаде Ангелов.