Меган Маркл е попопуларна од Кејт Мидлтон


Англија- Ново истражување посветено на ставовите кон кралското семејство, покажува дека Меган Маркл – идната сопруга на принцот Хари, ужива поголема популарност меѓу Британците од војвотката на Кембриџ Кетрин, пишува „Дејли стар“.

Интересот за 36-годишната актерка од САД, прочуена со улогата во серијата „Suits“ се засили откако во ноември минатата година беше објавена нејзината веридба со британскиот принц. Со наближувањето на нивната свадба во мај, Меган Маркл редовно паѓа во фокусот на вниманието на јавноста и медиумите.

Резултатите од истражувањето на „VoucherCodesPro“, кое опфатило над 2.300 Британци, покажуваат дека свршеницата на принцот ужива поголема популарност од утврдената британска икона, војвотката на Кембриџ – Кетрин.

Која е причината зошто актерката од САД е поблиску до срцата на Британците? Судејќи според одговорите на учесниците во анкетата, жителите на Островот ја сакаат бидејќи претходно била актерка (31 проценти), бидејќи е приземна (14 проценти) и затоа што е феминистка (11 проценти).

Меган отстапува по популарност меѓу Британците само од нејзиниот иден сопруг, принцот Хари, со кого „поврзани“ се чувствуваат 32 проценти од неговите сонародници. Само 15 отсто ја следат принцезата Беатрис и војводата од Единбург Филип. Војвотката на Кембриџ, Кетрин доби само 13 отсто од гласовите.