Малите манекени ќе сјаат како ѕвезди


Возбудени, среќни, нестрпливи, полни со надеж… Чиниш малите срциња ќе им излезат од градите додека се подготвуваат за модната ревија в недела во Струмица, невообичаена по две нешта – на пистата ќе излезат деца со попреченост, но и Зорица Заева, сопругата на премиерот.

– Сакам да носам круна – довикнува Верче, додека разговарам со нејзината мајка. Чувствувам дека ќе се поклони 20 пати, додава мајка ѝ на шега.

Манекени ќе бидат 15 деца. Повеќето се со Даунов синдром. Најмалото има девет месеци. Ќе го дотераат и ќе го носат во раце. Највозрасниот е Јосиф Мишевски (26) од Гостивар, единствениот во Македонија кој боледува од ретко заболување на кожата. По професија фармацевт – невработен.

Другата Верче веќе го добила својот фустан. Таа е 6-годишно девојче, во инвалидска количка, поради дијагноза што ја спречува да ги движи нозете. Натпросечно интелигентна за нејзина возраст. Уште се размислува дали на бина ќе излезе во количка или ќе ја носат в раце.

– Да можам, би им го сменила погледот на луѓето. Да не гледаат на нашите деца со сожалување и децата да се чувствуваат понижено. Излегуваме за да нè гледаат како еднакви – вели Маја Димитриева, мајка на Верче.

Максим од Радовиш нема ни три години, а веќе храбро се бори за своето мето во заедничкиот, инклузивен свет.

– Максим беше модел и на изложбата „Будење“, во чиј фокус беа децата со Даунов синдром. Не зборува, но возбудата ја искажува на сопствен начин. Оди во редовна градинка. На почетокот имавме тешкотии, но сега коцките се склопија. Децата од градинка го бараат и го сакаат – вели Бранкица Јованова, мајка на Максим.

За двете Верчиња, Дејан, Азал, Ева, Бурчин, Максим, Лиза, Ана Марија, Јован, Матилда, Иван, ова нема да биде обично одбележување на 3 декември. Не од оние здодевни отчети како секоја година, кога властите кажуваат што е направено за лицата со попреченост, а го премолчуваат ненаправеното. Тие сакаат да бидат ѕвезди што ќе го просветлат ова општество. Затоа што предрасудите околу инклузијата постепено се разбиваат, но остануваат предизвиците во здравството, во вработувањето, па и во образованието. Нивните родители уште мака мачат кога треба да закажат итно снимање, да им поправат заби, да ги запишат во градинка или во редовно училиште… Повозрасните можат да работат, ако системот малку ги поттурне – ако оние што ги кројат политиките во лицата со попреченост прво го видат тоа што можат да го прават, наспроти ограничувањата што ги имаат.

Покровител на настанот е Зорица Заева, сопругата на премиерот Зоран Заев. Таа ќе излезе на пистата заедно со Цако, уште едно момче со Даунов синдром, кој ќе биде диџеј. На бината децата со попреченост ќе ги придружуваат и локални советници, новинари, адвокати, пејачи. Како гости се поканети пратеници, претставници на министерствата за труд и социјална политика и за образование, на Фондот за здравствено осигурување… сите што треба да ја видат и да ја чујат пораката што ќе ја испратат малите манекени.

– Ние не сакаме да го славиме денот. Целта ни е да покажеме дека и лицата со попреченост можат и треба да успеат – вели Анче Николова-Туфекџиева од Здружението за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром „Вера“, организатор на ревијата.

Пораката на настанот е „Убави сме, свои сме“. Ќе почне в недела во 16 часот, во клубот „Индустриал“ во Струмица.

Сунчица Стојановска Зоксимовска