Македонските компании без визија и амбиција за соработка со странските


Домашните компании не се научени на промени. Многу е мал претприемничкиот дух кај менаџерите. Не сакаат да ризикуваат со инвестиции за подобрување на стандардите и немаат стратегиски визии. Токму затоа соработката со странските инвеститори е многу мала.

Податоците покажуваат дека само еден отсто од набавките на странските компании во Македонија се од македонски добавувачи и тоа најмногу во делот на набавка на храна , услуги за обезбедување, за хигена, набавка на струја и вода и слично. Од Советот на странски инвеститори сметаат дека за да има резултати треба да се направи голем напор.

Аврам Стојчевски, генерален менаџер на “Ван Хул Македонија“, белгиската компанија за производство на автобуси во Бунарџик, истакна дека треба да се работи и на лошиот имиџ дека странските инвеститори не сакаат да работат со домашните компании.

-На странските компании подобро им е да работат со домашни добавувачи. На тој начин се кратат трошоците за транспорт, се намалуваат времето и ризиците за испорака и се намалуваат залихите. Но, ретко која домашна компанија гледа можност кога ќе види странски инвеститор. Тие не сакаат да ризикуваат, не сакаат да ги менуваат навиките, бараат сигурност во оној мал пазар што го имаат, посочи Стојчевски на вчерашниот бизнис формум на странски инвеститори и домашни компании што имаат потенцијал да станат новни добавувачи.

Тој вели дека ако нашите компании станат добавувачи на фабрика со странски капитал во Македонија, тогаш им се отвараат многу можности за извоз во странство, бидејќи тие веќе дома ги постигнале стандардите што се потребни за надвор.
Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори, пак, порача дека треба да се прави разлика меѓу странските компании што вложуваат во слободните зони и оние што инвестираат надвор од нив.

– Субвенциите одат во фабриките што работат во слободните зони, а има и други странски компании кои дејствуваат како локални фирми. Од 136 членки што ги имаме во Советот на странски инвеститори, околу 120 се странски компании кои се перципираат како домашни компании и плаќаат даноци. Десетте топ странски компании во Македонија прават обрт од 1,5 милијарди евра и притоа плаќаат даноци од 15 милиони евра годишно без да добијат субвенции, при што вработуваат околу 10 илјади работници од Македонија, посочи Петер.

Од Владата најавуваат дека за две недели ќе ја објават програмата за економски раст што е насочена кон добивање на резултати и која има јасни критериуми, а со која подеднакво ќе бидат третирани и странските и домашните компании. За нив, од буџетот се очекува да бидат одвоени околу 30 милиони евра.

– Ги стимулираме странските компании да ја зголемат соработката со домашните компании. Доколку странска компанија над 10 проценти од набавките ги извршува од македонски компании, Владата ќе ги поддржи со еден процент од вкупно направените набавки, истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Дел од мерките предвидуваат секоја компанија која ќе креира ново работно место и притоа преземе најмалку 80 проценти од новокреираните работни места од Агенцијата за вработување, директно од образовниот систем или од администрацијата, ќе добие 20 проценти поврат од нето платата, ако даде плата над 18 илјади денари.

Поддршка ќе добијат и оние компании што ќе имаат пораст на приходите поголем во споредба со просекот од последните три години и не го намалат бројот на вработени, како и компании кои направиле нова инвестиција или се извозно ориентирани.

Странските инвеститори се задоволни од мерките, но сметаат дека она на што треба државата да посвети внимание е поддршка на иновативните решенија, поголема фексибилност на финансискиот и банкарскиот сектор и надоградба на образованието соодветно на потребите на странските инвеститори