Кучињата не се за шоу, тие се дел од семејството


Дали е важна расата, колку е високо, какво му е крзното, дали ушите му се исправени, дали крвта му е „сина“…или пак е важно колку љубов и радост може да внесе во семејството? Свеста на нашите граѓани за животните, особено за кучињата, е многу далеку од западниот менталитет. Во урбаните средини во Македонија кучето се смета за статусен симбол, а не како дел од семејството, другар… Наспроти тоа, во руралните средини популацијата е заглавена во верувањето дека кучето има употребна вредност, да ја чува куќата, дворот или стадото, а кога ќе остаре или кога нема да може да ја врши својата работа, може да се фрли на улица.

Мора да се менува погледот на луѓето со постојана кампања, но истовремено мора и да профункционира системот, а особено казните, сметаат волонтерите од здружението „Анима мунди“. Асоцијациите што се грижат за бездомните животни одамна бараат полиција за кучиња, во рамките на општинските и градските комунални служби. Да се демотивира купувањето, со воведување данок на луксуз, е еден од начините да се поттикнат граѓаните да не вртат глава од бездомните животни. Сопствениците се оптоварени кучето да е од некоја раса, иако тоа е најмалку важната работа кога треба да се донесе одлука дали ќе чувате миленик.

„Кучето, и да не е расно, може на семејството да му понуди многу љубов, позитивна енергија, радост. Секое дете треба да расте со милениче и треба да се воспитува дека треба да го доживее како дел од семејството. За него треба да се грижи до крајот на неговиот живот, да му обезбедува не само храна, туку и медицинска грижа и љубов“, вели Радмила Пешева од „Анима мунди“.

Таа вели дека кучето во нашиот менталитет е снаодливо, улично животно, кое треба само да се грижи за себе и од тука произлегуваат и одлуките на многу сопственици дека кучето не заслужува да се однесе на доктор, да се храни како што пропишува ветеринарот, да се инвестира во него, на пример во кастрација. Резултат на тоа се десетици повици дневно до активистите за права на животните за легла со мали кученца оставени на улица, покрај контејнери, фрлени во вода…

А реалноста во светот е сосема поинаква, сопствеништвото секаде носи одговорност, како за член од семејството. Кога се зема куче, се чува до крајот на неговиот живот, а најмалку е важно дали е од некоја престижна раса.

„Проблемот во македонските градови, а особено во руралните средини, е неконтролираното размножување на животните. Тоа се случува во последните години, а е последица на модата – земи миленик, чувај го додека сакаш, па фрли го на улица. Едно куче за седум години може да создаде потомство до 60.000 млади, а на улица забележуваме многу животни кои потсетуваат на одредени раси. Јасно е дека проблемот од дома сме го прелеале на улица, а тоа ни го дозволил системот, што воопшто не функционира“, вели Пешева.

Сопствениците немаат никакви обврски и одговорности, со казни се соочени само на хартија, во реалноста никој не бил санкциониран од причина што нема регистар на сопственици, иако законот го наложува тоа. Првата обврска мора да ја имаат ветеринарните лекари, кои на секој сопственик мора да му препорачаат кастрирање, поради запирање на размножувањето. Така ќе се спречат и многу други несакани појави, на пример, бегање на милениците од дома водени од нагонот за парење, агресивност и борба за женки, напади и слично.

Законот за благосостојба на животните наложува да се регистрира секој сопственик на животно, а тоа мора да е чипирано. Тоа кај нас започна да се спроведува пред само неколку месеци. Дополнителен проблем е што Агенцијата за храна и ветеринарство нема ниту регистар на одгледувачници, па сега ги има стотици. Каде се пријавуваат новите легла, колку кученца се размножуваат, кој треба да го контролира бројот на нови животни, кои се од одгледувачници, а колку се од сопственици кои не ги кастрираат милениците, па од нивното потомство си прават бизнис? Знаат ли кому продаваат, дали тој сопственик ќе го чува или ќе го фрли на улица кога ќе му здодее?

„Неприменувањето на законите е резултат и на незаинтересираноста на централните и локалните власти да иницираат нивна примена, да ги активираат казнените мерки и да воведат ред. Кога сте слушнале последен пат некој да добил казна за организирање на борби со кучиња? Ова е редовна појава кај нас, а казнети има најмногу по еден во годината. Се одговара и кривично, основи за казнување, според Законот за благосостојба на животните, има, и за злоупотреба и за измачување, а и казните се високи, до 6.000 евра“, потенцира Пешева.

 

Стерилизирање и чипирање, први чекори за намалување на бројот на улични животни

Системот залови-стерилизирај-врати, за кој се залагаат и асоцијациите за грижа за бездомните животни, е најдобар за прилики како во нашата земја, сметаат во „Анима мунди“. Во услови каде што има огромен број животни на улица, сместувањето во стационари е физички невозможно и е прескапо решение.

„Да претпоставиме дека во Скопје има околу 3.000 кучиња на улица, а можеби и повеќе. Нема таков капацитет каде што би можеле да се сместат сите, да се платат храната и грижата. Затоа е многу важно, откако ќе бидат третирани, да се вратат таму каде што живееле претходно. Кучињата се територијални животни, знаат каде е изворот на храна, познати им се и другите животни од околината, нема да се борат за превласт меѓу себе, луѓето од маалото ги познаваат, ги чуваат, се грижат за нив. Најголемата грешка што се прави во Скопје е што не се враќаат на истото место. Така стануваат дезориентирани и агресивни, а ако треба да се бранат од друго животно, мора да бараат храна и слично. На тој начин, практично се осудени на смрт“, вели Пешева.

Прв чекор во борбата со проблемот со преголемата бројност е чипирањето. Тоа, според здруженијата, мораше да се направи одамна. Но, мора да се спречи и размножувањето во домашни услови.

„Мора да се почитуваат и законските одредби одгледувачниците да се регистрирани и да постојат само неколку, иако асоцијациите се за целосно стопирање на трговијата со животни. Тоа е суров бизнис секаде во светот, а особено кај нас каде што има толкав број кучиња што бараат дом“, нагласува Пешева.