Кучињата ги намалуваат стресот, анксиозноста и депресијата


Кучињата можат да ги намалат стресот, анксиозноста и депресивната симптоматологија, да го кренат доброто расположение кај луѓето, меѓутоа и тие може да страдаат од депресија. Од тие причини се потребни голема љубов, нега, внимание, посветеност кон кучето, одговорно задоволување на неговите потреби, вели психотерапевтката Ивана Хаџиванова од НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација.

Дали и како чувањето миленик влијае врз енергијата во домот?

-Многу научни студии ги докажуваат ефектите од чувањето миленичиња врз емоционалниот, когнитивниот, образовниот и социјалниот развој кај децата и адолесцентите. Потврдено е дека миленичињата, особено кучињата, може да бидат добри за детското емоционално здравје, особено во смисла на подобра самодоверба, развој на способностите за грижа кон друг и одговорност, емпатија, комуникација, намалување на осаменоста, како и развој на интелектуалните капацитети. Чувањето куче дава и многу значајни социјални бенефиции,  кај децата и кај возрасните еднакво, во смисла на зголемување на социјалната мрежа, со тоа до подобра социјална компетентност и повеќе социјална игра.

На кој начин кучињата придонесуваат за подобрување на психолошката состојба и одржување на менталното здравје кај децата и возрасните?

-Постојат повеќе потенцијални механизми и аспекти со кои кучињата би можеле да бидат од корист за децата. Се смета дека ефектите на хормонот окситоцин и другите хормони и невротрансмитери кои се лачат со гушкање и играње со кучето, како и веселоста што тие ни ја предизвикуваат, може да доведат до намалување на стресот кај возрасните. Ниското ниво на стрес, пак, е значајно за другите аспекти од личноста и можноста за максимално искористување на личните потенцијали. Одамна е познато и дека кучињата директно влијаат врз подобрување на имунолошкиот систем и отпорноста на некои здравствени состојби и заболувања кај децата. Од психолошки аспект, многу е важно што кучињата некогаш помагаат да се задоволат потребите на децата за безбедна приврзаност, а тоа особено е важно во случаи кога детето има слаба приврзаност за своите родители или е единец. Интеракциите, односно разговорите со домашно милениче, исто така, може да доведат до подобри јазични вештини и социјално сознавање.

Може ли кучињата да помогнат во состојби како што се депресијата и анксиозноста, аутизмот и на лицата со посебни потреби?

-Кучињата може да ги намалат стресот, анксиозноста и депресивната симптоматологија, а да го кренат доброто расположение, да ја олеснат осаменоста, да ги охрабрат вежбањето и разиграноста, а покрај менталното  да го подобрат и кардиоваскуларното здравје.

Постојат сервисни кучиња, односно кучиња асистенти. Тие се тренирани и обучени да им помагаат на деца и возрасни лица со аутизам и со посебни потреби. Нивниот придонес во подобрување на независноста и секојдневниот живот на овие лица е голем, бидејќи помагаат во извршување на секојдневните задачи, покрај претходно наведените бенефити за повеќето аспекти од психолошкото здравје и живеење.

Од која возраст е најпожелно да се чува куче? Дали е добро тоа за  семејство во кое доаѓа новороденче?

-Одговорот зависи од точната конкретна возраст на детето, од расата и карактерот на кучето, но и од многу други фактори, а важно е и од кого се очекува да се грижи за него. Истражувањата и искуствата даваат најразлични податоци и насоки во однос на ова прашање. Генерално, ако има очекувања за помош во грижата на кучето, детето треба да биде над седумгодишна возраст. Ако возрасниот смета дека не му е проблем да се грижи и за малото дете и за новото кутре, тогаш не е проблем да се има куче и порано, па дури и од најмалата возраст, секако. Во однос на новороденчињата во домот, постојат огромен број позитивни примери во правец на непречено чување и ефекти од тоа. Важно е да се знае дека е во ред да му дозволите на вашето домашно милениче да живее  близу до новото бебе, но мора да постои претходна подготовка и запознавање меѓу нив, со цел миленичето добро да се однесува и секако по почетниот период, тоа да биде со внимателно надгледување. Кога бебето е сè уште многу мало, не е препорачливо да се дозволува на семејното куче или мачка да го лижат неговото лице. Треба да се има предвид дека некои од малите пргави кучиња знаат да бидат опасност и често стануваат агресивни и лоши, а може да претставуваат вистинска закана за бебето кое се смета за конкуренција на љубовта која ја добивале од сопствениците-родителите.

Може ли долгото оставање дома сами или недоволното шетање и внимание на кучињата да се одразат врз нивната психофизичка состојба?

-Да. За жал, и кучињата може да страдаат од депресија, изразена низ одредена симптоматологија и променето однесување. Од тие причини се потребни голема љубов, нега, внимание, посветеност кон кучето, одговорно задоволување на неговите потреби и секако информираност за сите аспекти во чувањето, а приоритетно неговото психофизичко здравје. Доколку некоја од овие наведени работи ги нема кај тој што размислува за вдомување, купување и чување куче-миленик, подобро е воопшто да не се одлучува за ваков избор на миленик.

Вероника Мароска-Леова