Кој ќе брка цензус – Заев или Мицкоски ?


Отворени се сите опции во врска со референдумското прашање за договорот за името. Сѐ зависи од тоа каков договор ќе постигнат партиите околу претстојното плебисцитарно изјаснување на граѓаните, вели за „Независен весник“ висок владин функционер. Тој не исклучува можност прашањето да биде негативно, како на пример, „Дали сте против договорот за името кој овозможува влез на државата во НАТО и во ЕУ?“ Спротивна опција, пак, е афирмативно прашање од типот „Дали сте за промена на името со цел влез на Македонија во НАТО и во ЕУ?“

Од типот на прашањето зависи и каква ќе биде кампањата што ќе треба да ја водат политичките субјекти кон крајот на летото, со оглед на тоа што премиерот Зоран Заев во интервју на Алсат-М најави дека гласањето би можело да се одржи кон крајот на септември, односно на 30 септември или евентуално на 7 октомври. Заев исто така не исклучи можност од негациско прашање кое, всушност, би го ставило во позиција лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да брка цензус.

Доколку прашањето биде негативно, тогаш противниците на договорот ќе треба да обезбедат поголема мобилизација на избирачкото тело, со цел да ги постигнат потребните цензуси за евентуално успешен референдум со кој договорот од Преспа би станал ништовен. Такво прашање, пак, би ѝ овозможило на владејачката гарнитура комоција да повика на бојкот на референдумот, бидејќи неговата неуспешност би значела потврда на договорот за името и преминување во следните фази од неговата реализација, односно на уставни измени.

Слична тактика, всушност, презеде претходната влада на СДСМ и на ДУИ со бојкотот на референдумот за новата територијална организација во 2004 година, што го иницираше Светскиот македонски конгрес, а зад кој застана и тогашната опозиција на чело со ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш беше применето т.н. трик- прашање. Така, граѓаните, наместо да се изјаснат дали се за или против новата поделба на општините, требаше да одговорат дали се за останување на дотогашната територијална поделба на државата предвидена со закон од 1996 година. Иако мнозинството од излезените гласачи тогаш се изјаснија со „да“ за останување на старата организација, пресуден за неуспешност на референдумот беше малиот одѕив од околу 26,5 отсто, наспроти потребните над 50 проценти.

Ако, пак, референдумското прашање биде афирмативно, тогаш на владејачката гарнитура ѝ  останува да обезбеди поголема мобилизација на гласачи, со цел постигнување на потребниот цензус за излезност и обезбедување мнозинство одговори „да“ за промена на името, со цел отворање на евроатлантските перспективи на државата. Тоа нема да биде едноставна работа, особено ако изостане асистенција од опозицијата. Отежнувачка околност за цензусот се и недопрочистениот избирачки список и информациите за неколку стотици иселени граѓани во странство во последните години. Гласачите од дијаспората ќе може да учествуваат на референдумот само ако дојдат во земјава, затоа што за овој тип изјаснување не е предвидено гласање во дипломатско-конзуларните претставништва.

Сепак, со учество на најголемите политички субјекти, независно од тоа што  опозицијата би повикала да се гласа „против“, проценките се дека не е невозможно да се постигне потребниот цензус, макар тоа да биде на самата граница од 50 проценти плус еден излезен избирач. Како пример за тоа се посочуваат последните изборни циклуси во Македонија, кога на гласање излегуваа редовно повеќе од половина од запишаните избирачи. Дури и на локалните избори, за кои не се организира гласање во македонските амбасади низ светот, одѕивот во речиси сите општини беше над 50 отсто, со исклучок на неколку општини со доминантно албанско население каде што излезноста беше нешто помала од 50 проценти. Според проценките, големо влијание на одѕивот, всушност, ќе има кампањата, односно како ќе се постават најрелевантните политички чинители во неа.

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера реагираа дека со договорот со Грција е прекршен Уставот, како што рекоа, уште со самото негово потпишување. Сега, според опозицијата, власта се обидува повторно да го прекрши Уставот, со најавата за објавување на договорот во „Службен весник“ без потпис од претседателот Ѓорге Иванов.

„Заев и СДСМ се откажаа од името, од нацијата, од идентитетот и македонското малцинство без око да им трепне. Нашите соседи благодарение на Заев веќе нè нарекуваат Северна Македонија и згора на сѐ, Заев и СДСМ удрија и врз сопствениот народ кој излезе да протестира против срамниот и капитулантски договор“, изјави вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Тој ги повика оние што се незадоволни од договорот за името да се приклучат кон протестот што го организира опозицијата претстојниот викенд во Струмица.

Од СДСМ, пак, возвраќаат дека „ВМРО-ДПМНЕ нема да ја закочи македонската иднина“ и дека граѓаните ќе кажат „да“ за загарантиран македонски идентитет и за членство во ЕУ и НАТО.

„ВМРО-ДПМНЕ треба јасно да каже дали е за членство во ЕУ и НАТО или сѐ уште сонува за враќање на државата во времето на изолација, нестабилност, поделби и нарушен меѓународен углед. Залудни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку манипулации и измислици да ја загрози македонската иднина. Граѓаните слободно на референдум ќе ја искористат историската шанса и ќе го поддржат договорот што еднаш засекогаш го штити македонскиот идентитет и ја обезбедува иднината“, се наведува во соопштение од СДСМ.

Заев најави неодамна дека Собранието ќе го распише референдумот по самитот на НАТО кој завршува на 12 јули. Според проценките во парламентот, одлуката за распишување на референдумот би можела да биде ставена на дневен ред и на седницата закажана на 17 овој месец, доколку дотогаш има договор за референдумското прашање и за карактерот на изјаснувањето – односно дали референдумот ќе биде консултативен или задолжителен. Но, каков и да биде, Заев потврди деновиве дека волјата на граѓаните ќе биде обврзувачка за политичките фактори. Гостувајќи на Алсат-М, премиерот рече дека има сигнали дека и претседателот Иванов нема да оди против договорот со Грција, доколку тој биде потврден на претстојниот референдум.

Александра М. Митевска